сабота, јуни 6, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Исчезнуваат македонското јагне и овчото сирење – во селата нема веќе ниту...

Исчезнуваат македонското јагне и овчото сирење – во селата нема веќе ниту луѓе ниту овци

Селата се празнат, веќе нема ниту жители ниту стада овци, а традиционалното сточарство полека исчезнува поради ниските откупни цени, укинатите субвенции и масовното напуштање на оваа дејност. Сточарите велат дека работат со години без реална добивка, поради што масовно се откажуваат и ги продаваат стадата. Во исто време, младите не гледаат перспектива во оваа дејност, што дополнително го забрзува нејзиното згаснување. Последиците се чувствуваат и врз производството на македонското јагне и овчото сирење

2575

Сточниот фонд во државата се намалува со забрзано темпо, а сточарството, една од најважните економски гранки, полека, но сигурно замира. Селата се празнат, животот во нив згаснува, а со тоа исчезнуваат и луѓето што со генерации се занимавале со одгледување овци. Денес, во селата веќе нема ниту жители ниту овци. Во последните пет години, сточниот фонд е преполовен. Стадата се намалуваат од ден на ден, а сточарите, поради недоволната државна помош, се принудени да ја продаваат стоката и да се откажуваат од дејноста. Овој тренд е резултат на повеќе наталожени проблеми што  не се решаваат со години. Еден од клучните фактори е економската неисплатливост на овчарството.

Откупните цени на јагнето и на млекото се ниски и често не ги покриваат ниту основните трошоци за производство. Во услови на поскапување на сточната храна, горивото и на ветеринарните услуги, сточарите се соочуваат со сериозни загуби. Наместо профит, тие често работат на границата на опстанок.

– Природните ресурси остануваат неискористени. Имаме убави планини и пасишта, а немаме овци. Покрај ниските откупни цени, сточарите се соочуваат и со дополнителни трошоци како што е пашарината, која се плаќа два пати годишно и изнесува вкупно 140 денари од стадо. Сточниот фонд се намалува со алармантна брзина – за само пет години е намален бројот на овци од 600 на 250 илјади. Главна причина за овој драстичен пад се намалувањето на државната поддршка и укинувањето на дел од субвенциите. Мерките што претходно ги поддржуваа сточарите, како субвенциите за оставено женско јагне и за предадено јагне во регистриран кланичен капацитет, се укинати. Тоа создаде дополнителна несигурност и значително ја намали мотивацијата за продолжување со сточарството – вели за весникот ВЕЧЕР Насер Џемаили, претседател на Сојузот на одгледувачи на овци.

Според него, младите не гледаат иднина во оваа дејност, која е тешка, неизвесна и недоволно платена. Старите сточари, пак, без наследници, масовно ги распродаваат стадата. Со тоа се прекинува континуитетот на една традиција што со векови е дел од македонскиот идентитет.

– Не се губи само сточарството како економска гранка туку и препознатливите производи како што се македонското јагне и македонското овчо сирење, кои со години уживаат углед по својот квалитет и по својот вкус во регионот. И покрај тоа што имаме услови за нивно производство, сè повеќе стануваме увозници на овие производи – вели Џемаили.

Маријан Стојановски, сточар од Прилепско што со години одгледува овци, вели дека не е добра ситуацијата, бидејќи во селата каде што се одгледувале по 8.000 овци, сега е намален нивниот број на 100 до 150.

– Младите не сакаат да се занимаваат со сточарство бидејќи не е исплатлива оваа дејност, додека постарите сточари, револтирани од ниските откупни цени на месото и на млекото, ги продаваат своите стада. Во последниве 15 години, во државата речиси и да нема нови сточари. Срамота е Македонија да остане без сточарство, земја што има планини, пасишта и обработливо земјиште – вели Стојановски за весникот ВЕЧЕР.

Намалувањето на домашното производство значи зголемена зависност од увозот на месо и на млечни производи, што долгорочно може да влијае и на економската стабилност и на безбедноста на храната.

За да се спречи целосен колапс на сточарството, потребен е сериозен и системски пристап. Неопходно е да се воведат стабилни и предвидливи политики, да се обезбедат фер откупни цени, да се вратат или редизајнираат субвенциите и да се создадат услови што ќе ги мотивираат младите да се вклучат во оваа дејност. Дополнително, модернизацијата на производството и подобриот пласман на производите може да помогнат за враќање на конкурентноста.

Без вакви мерки, сточарството ќе продолжи да опаѓа, а со него ќе исчезне и еден важен дел од економијата, традицијата и идентитетот на државата.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ