Иран и СAД се далеку од постигнување договор за ставање крај на војната и покрај засилените дипломатски напори да се спречи можно враќање кон активен конфликт по американските среднорочни избори, изјави во вторникот за „Ројтерс“ висок ирански функционер.
САД во текот на ноќта извршија „одбранбени“ напади врз иранскиот остров Кешм, при што еден американски претставник изјави дека цел на нападите биле ракетите земја-воздух што се користеле против американски средства. Во меѓувреме, Револуционерната гарда соопшти дека во текот на ноќта соборила американско беспилотно летало над источниот дел на Хормускиот Проток.
– Посредниците напорно работат на намалување на разликите меѓу Техеран и Вашингтон – изјави високиот ирански функционер откако во понеделникот вечерта пристигнаа катарски посредници во Техеран, на разговори за верзија од нацрт-договорот меѓу САД и Иран, за кој се преговара во изминатите осум дена.
Иранскиот функционер, соговорник на „Ројтерс“, предупредува дека „мора да бидат исполнети условите на Техеран доколку сакаат САД повторно отворање на протокот“. Тој додава дека преговорите за нуклеарното прашање би можеле да почнат дури потоа, како и дека Техеран нема да ги прифати „претераните барања“ на Вашингтон.
Претседателот на иранскиот Парламент, Мохамад Багер Калибаф, во вторникот изјави дека сега топката е кај САД, откако Техеран му дал „цврст и рационален одговор“ на Вашингтон. Високиот ирански претставник изјави за „Ројтерс“ дека Техеран ќе одговори на американските напади остро – во регионот и пошироко.
– Непријателот се обидува да ја принуди иранската нација на покорност преку закани и воени дејства, но многу греши. Иран нема да се покори – рече Калибаф во вторникот, додавајќи дека одговорот на Техеран на каква било погрешна процена од страна на САД ќе биде непредвидлив и нема да биде ограничен од географските граници.












