Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, објави видео како посетува кафуле, со кое сакаше да ги побие шпекулациите дека е убиен или повреден.
Но, според иранската новинска агенција „Тасним“, тоа видео е генерирано од вештачка интелигенција.
Ова видео кое требаше да ги смири сомневањата дека израелскиот премиер е убиен или повреден во ирански напад, поведе дополнителни прашања. Според „Тасним“ јасен знак дека најновото видео е генерирано со вештачка интелигенција е тоа што чашата со кафе што ја држи Нетанјаху е полна до врв, но ниту една капка не се истура додека ја навалува или ја движи брзо, ниту, пак, количеството на кафе се намалува откако ќе се напие.
Друг знак е промената во изгледот на Нетанјаху во видеото, особено кога неговото лице се гледа во профил. Споредбата на неговото лице од тој агол со вистинските фотографии од него открива дека видеото е лажно, тврди иранската агенција.
На видеото, кое е снимено во кафетерија, Нетанјаху нарачува кафе и вели – „Умрев… за кафе“, користејќи вообичаена хебрејска фраза за да нагласи дека некој многу сака нешто. „Го сакам мојот народ до смрт“, додаде израелскиот премиер, истакнувајќи дека е горд на начинот на кој граѓаните се однесуваат во сегашната ситуација.
Некои корисници на интернет се посомневаа во автентичноста на видеото и поради тоа што појавата на Нетанјаху е неформална, сосема различна од неговите вообичаени излегувања во јавност. Контроверзноста доби на интензитет кога четботот на платформата Икс оцени дека клипот е 100% длабок фејк на напредната вештачка интелигенција. Но, проверката на факти на „Сандеј Гардијан“ покажала дека нема веродостојни докази дека видеото е создадено со помош на вештачка интелигенција. Снимката е споделена преку официјални сметки поврзани со канцеларијата на Нетанјаху, а оттогаш се појавија дополнителни фотографии од реалниот свет од истата локација.












