
Иранскиот министер за одбрана, Мердад Ахлаги, предупреди дека Техеран ќе одговори на секој напад врз својата територија „пропорционално, одлучно и силно“, нагласувајќи дека противниците на Иран нема да го диктираат начинот или времето на неговиот одговор.
„Оние што ни се закануваат нема да ги одредат опсегот, времето или последиците од одбранбениот одговор на Иран“, истакна Ахлаги.
Неговата изјава доаѓа во време на растечка загриженост за можноста од обновување на воениот конфликт во кој би биле вклучени Иран, САД и Израел, по извештаите за подготовки за можни нови напади врз иранска територија.
Иранските претставници во повеќе наврати предупредија дека секоја евентуална нова војна со САД би можела да трае подолго од претходните конфликти, нагласувајќи дека американскиот претседател Доналд Трамп нема да биде тој што ќе одлучува за нејзиното времетраење.
По воените напади што САД и Израел ги извршија врз Иран на 28 февруари, следеа околу 40 дена интензивни борби. Иако борбите постепено стивнаа во текот на април, спорадичните напади меѓу двете страни продолжија.
Иако Трамп сè уште нема донесено официјална одлука за започнување нова воена операција, некои извештаи укажуваат на тоа дека американски претставници ги предупредиле земјите од Блискиот Исток да се подготват за можна ескалација и одмазднички напади од страна на Иран.
Обединетите Арапски Емирати изјавија дека се подготвени дури и за најлошото можно сценарио, доколку конфликтот повторно се разгори. „Се надеваме на дипломатски пробив“, изјави денеска Анвар Гаргаш, дипломатски советник на претседателот на Обединетите Арапски Емирати, на безбедносна конференција во Бахреин.
Тој нагласи дека нова војна не би била во интерес на земјите во регионот.
„Не е во интерес на регионот да помине низ уште една рунда конфликт. Но, сметам дека, како што покажавме и претходно, подготвени сме дури и за најлошото можно сценарио“, рече Гаргаш, пренесува „Ал Џезира“.











