Иран подготвува нов режим на навигација низ Хормутскиот Проток, кој ќе ги дефинира правилата за воените и комерцијалните бродови, како и одговорностите на државите и сопствениците на бродови, изјави денес иранскиот заменик-министер за надворешни работи, Казем Гариб-Абади.
Гариб-Абади, во изјава за „Спутник“, рече дека предложениот протокол ќе опфати неколку аспекти, вклучувајќи процедури за минување на воени бродови, како и посебни услови за комерцијални бродови.
Според него, документот ќе содржи и одредби за одговорностите на крајбрежните држави, при што Иран и Оман ќе бидат одговорни за обезбедување безбеден и непречен премин низ Хормускиот Проток.
Исто така, ќе ги дефинира обврските на државите на знамето и сопствениците на бродови, вклучувајќи ги и сите надоместоци за обезбедените услуги.
„Сите овие прашања сè уште се разгледуваат и, откако ќе се постигне договор со Оман, ќе биде издадено официјално соопштение. Прерано е да се зборува за специфични тарифи и можни трошоци“, рече Гариб-Абади.
Иницијативата доаѓа по ескалацијата на конфликтот, откако САД и Израел започнаа напади врз цели во Иран, вклучувајќи го и Техеран, на 28 февруари.
Потоа Иран возврати со ракетни напади врз израелска територија и американски воени објекти на Блискиот Исток.
Конфликтот доведе до де факто блокада на Хормускиот Проток, еден од клучните поморски патишта во светот за транспорт на нафта и течен природен гас од Персискиот Залив, што значително влијаеше на извозот и производството на енергетски производи во регионот.












