недела, август 2, 2026
Дома БАЛКАН Инженер и изведувач се уапсени поради голем пожар во Грција

Инженер и изведувач се уапсени поради голем пожар во Грција

3

Две лица се уапсени поради голем пожар што избувна во грчкиот регион Беотија и се прошири на Атика, соопшти денес грчката Дирекција за борба против подметнувања на пожар.

Електроинженерот кој го потпишал проектот и ги надгледувал работите, како и изведувачот одговорен за изградба на мрежата за пренос на електрична енергија од ветерни турбини до главната електрична мрежа, се уапсени, објавува „Катимерини“.

Истрагата утврдила дека се случиле осцилации во спроводниците на приватна мрежа за пренос на електрична енергија, што предизвикало искри. Искрите паднале на земја и предизвикале пожар кој потоа се проширил на поширокото подрачје на Беотија и Атика.

Истражителите извршиле увиди на лице место, интервјуирале сведоци, собрале материјални докази и анализирале видео снимки, по што истрагата се фокусирала на лицата одговорни за проектирањето, изградбата, надзорот и работењето на мрежата.

Против двајцата уапсени е поднесена кривична пријава за подметнување на пожар со можна намера, што се третира како сериозно кривично дело според грчкиот закон.

Во случајот е опфатен и сопственикот на компанијата што управува со ветерните турбини, по кого полицијата трагаше по итна постапка, но не беше пронајден. Уапсените ќе бидат изведени во надлежното обвинителство.

ИЗДВОЕНИ