Официјалните 911 дивоградби евидентирани во 2025 година претставуваат само дел од проблемот. Вистински предизвик остануваат стотиците илјади барања поднесени уште во 2011 година, од кои значителен број и денес не се целосно завршени. Петнаесет години по почетокот на процесот, Македонија сè уште нема конечно затворено едно од најголемите урбанистички прашања.
Додека институциите ја продолжуваат битката со старите предмети, на терен продолжуваат да се појавуваат нови бесправни градби. Тоа покажува дека проблемот одамна не е само административен, туку и системски – прашање на урбанистичко планирање, институционална ефикасност и доследно спроведување на законите
Само 911 бесправно изградени објекти се евидентирани во Македонија во текот на 2025 година. На прв поглед, бројката остава впечаток дека дивото градење постепено се става под контрола и дека трендот опаѓа. Но, реалната слика на терен покажува поинаква состојба – нови дивоградби продолжуваат да никнуваат речиси во сите урбани и рурални средини, додека истовремено десетици илјади граѓани и по повеќе од 15 години сè уште немаат завршена постапка за легализација на објектите што одамна ги изградиле.
Токму затоа, официјалната статистика и реалната состојба сè потешко се совпаѓаат. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2025 година се регистрирани 911 бесправно изградени објекти. Најголем дел од нив се објекти за домување – 169 или 18,6 проценти од вкупниот број. Потоа следуваат огради (164), деловни објекти (116), натстрешници (113), доградби и надградби (110), помошни објекти (106) и гаражи (79). Дури 96,1 проценти од евидентираните објекти се во приватна сопственост.
Сепак, оваа бројка не ја прикажува вкупната димензија на проблемот, туку само новоевидентираните случаи во текот на годината. Надвор од оваа статистика остануваат илјадници објекти кои никогаш не биле регистрирани, како и голем број предмети кои се водат во долготрајни постапки за легализација.
Процесот на легализација во државата почна во 2011 година, со донесувањето на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со кој требаше да се уреди состојбата со објектите изградени до 3 март 2011 година. Намерата беше да се воспостави урбанистички ред и граѓаните да добијат можност да ги запишат своите објекти во легалните имотни книги. Одѕивот беше масовен, па во општините беа поднесени околу 430.000 барања за легализација, што го претвори процесот во еден од најобемните административни потфати во државата.
Наместо да заврши во предвиден рок, процесот со години се одолговлекува и прерасна во административен товар што трае повеќе од една деценија. Роковите беа повеќепати продолжувани, а најновите законски измени овозможуваат постапките за веќе поднесените барања да продолжат до 2031 година. Со тоа, нови барања не се прифаќаат, но останува обврската да се завршат старите предмети кои се заглавени во институциите.
Во најголем број случаи, проблемот не е исклучиво во една институција, туку во комплексноста на целата постапка. Еден предмет поминува низ повеќе нивоа – општински служби, геодетски компании, Управата за имотноправни работи, судски постапки и дури потоа стигнува до Агенцијата за катастар на недвижности. Најчестите пречки се нерешените имотноправни односи, наследни постапки, судски спорови, некомплетна документација, несовпаѓање на катастарските податоци со фактичката состојба и недостиг од геодетски елаборати.
Поради тоа, голем број граѓани со години чекаат да добијат имотен лист, иако објектите ги користат со децении. Иако Катастарот во последниот период ја зголеми динамиката на работа и според извештајот на Агенцијата од февруари годинава, во текот на 2025 година АКН решила вкупно 1.040.137 предмети, при што се истакнува зголемена ефикасност, намалување на заостанатите предмети и подобрена динамика на обработка на барањата, но институцијата не објавува прецизна структура колку од нив се однесуваат на легализација на бесправни објекти. Оттука, останува нејасно колкав дел од наследените предмети од процесот започнат во 2011 година сè уште не се завршени.
Заедницата на единиците на локална самоуправа – ЗЕЛС во повеќе наврати посочува дека клучниот проблем не е во законската рамка, туку во обемот на заостанати предмети и административните капацитети на општините. Во периодот на последните законски измени, со кои рокот за завршување на постапките беше продолжен до 2031 година, од ЗЕЛС беше истакнато дека во општините сè уште има илјадници незавршени предмети за легализација.
Според нивните објаснувања, дел од предметите се блокирани поради судски спорови, наследни постапки и нерешени имотноправни односи, а значителен број не може да се финализира без дополнителна документација од граѓаните или други институции. Дополнително, општинските служби се соочуваат со недостиг на кадар и преоптовареност, што директно влијае врз динамиката на решавање.
Од ЗЕЛС нагласуваат дека продолжувањето на рокот не претставува отворање на нов процес за легализација, туку обид да се затворат веќе започнатите постапки кои се влечат повеќе од 10 години. Ставот на ЗЕЛС беше истакнат во периодот на февруари 2026 година, кога во Собранието беа усвоени измените на законот и кога преку јавните расправи и медиумски настапи беше нагласена потребата од дополнително време за завршување на заостанатите предмети.
(С. Бл.)












