Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ) е долгогодишен и значаен партнер на земјава во реализацијата на проекти насочени кон подобрување на образованието, социјалната инфраструктура и поддршката на микро, малите и средните претпријатија. Фокусот на соработката е насочен кон реализација на проекти што носат конкретни придобивки за граѓаните и придонесуваат за економскиот развој. Ова беше истакнато на денешната средба на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со Томаш Бочек, заменик-гувернер на Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ), на која се разговараше за реализацијата на тековните проекти и за идната соработка.
– Продолжуваме да го зајакнуваме партнерството со ЦЕБ, насочувајќи ја поддршката кон проекти што придонесуваат за подобри јавни услуги, поквалитетно образование и економски развој – истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
ЦЕБ е присутна во земјава од 1997 година, а досега има одобрено кредити за 10 проекти во јавниот сектор во вкупен износ од 314 милиони евра, а исто така има дадено и значајна поддршка за обезбедување на инвестициски грантови и грантови за техничка помош за подготовка на проектите. Поддршката е насочена кон социјалната инфраструктура и социјалната интеграција, вклучително здравството, образованието, правосудството и социјалното домување, како и кон поддршка на микро, малите и средните претпријатија.
На средбата беше разгледана реализацијата на тековните проекти, меѓу кои дополнителното финансирање со заем и грантови во вкупен износ од 24.1 милион евра за изградба, надзор и опремување на 30 спортски сали во основните училишта, како и за реконструкција на основни и средни училишта. Оваа поддршка е продолжение на успешно реализираниот проект во чии рамки беа изградени и опремени 70 спортски објекти во основните училишта, а беа реконструирани и 90 основни и средни училишта.
Соработката со ЦЕБ опфаќа и кредитна линија од 50 милиони евра за создавање работни места во микро, малите и средните претпријатија, која се реализира преку Развојната банка.
Посебен акцент на средбата беше ставен на проектите што се подготвуваат за наредниот период. Меѓу нив е проектот за довршување на изградбата на објектите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при УКИМ.
Во фокусот на идната соработка е и проектот за основна дигитална инфраструктура. Проектот е насочен кон унапредување на дигиталната инфраструктура и поддршка на процесот на дигитална трансформација.
На средбата беше изразена подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката меѓу Министерството за финансии и ЦЕБ, со фокус на ефикасна реализација на тековните проекти и обезбедување поддршка за нови инвестиции од значење за економскиот и социјалниот развој на земјата.












