Првата БРТ-линија е планирана на траса долга околу 12,8 километри, од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, со 22 автобуски постојки. Се работи за отворен тендер со претквалификација, заинтересираните компании најпрво треба да докажат дека ги исполнуваат условите за учество, по што квалификуваните кандидати ќе продолжат во втората фаза од постапката. Процесот на аплицирање трае до втори ноември. Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, ги повика сите заинтересирани компании да аплицираат за да има поголема конкуренција
Скопскиот градоначалник, Орце Георгиевски, се пофали дека е распишана тендерска постапка за претквалификација за проектот БРТ. Тој додаде на тој начин, со поддршка на ЕБОР, завршуваат подготовките за реализација на овој проект.
Според официјалниот оглас на ЕБОР, предмет на набавка е проектот БРТ линија 1 коридор 1 и две депоа, во Ново Лисиче и во Ѓорче Петров. Ова подразбира изградба на коридорот на првата БРТ-линија, изградба на ново депо во Ново Лисиче и надградба на постојното депо во Ѓорче Петров.
Првата БРТ0линија е планирана на траса долга околу 12,8 километри, од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, со 22 автобуски постојки.
Се работи за отворен тендер со претквалификација, заинтересираните компании најпрво треба да докажат дека ги исполнуваат условите за учество, по што квалификуваните кандидати ќе продолжат во втората фаза од постапката.
– Процесот на аплицирање трае до втори ноември – нагласи Ѓорѓиевски.
Тој ги повика сите заинтересирани компании да аплицираат за да има поголема конкуренција.
– Конечно, почнува една од трите важни работи за скопјани поврзана со јавниот градски транспорт, иако многумина не веруваа дека ќе почне овој проект со реализација. Ова е крајот на подготовките, по што ќе почнат проектирањето и реализацијата – истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека кога ќе се надоврзе на овој проект и набавката на стоте електрични автобуси, за кои тече рокот на испорака, како и градскиот воз, кој веќе сообраќа на првата линија, веќе може да се зборува за создавање услови за модерен градски транспорт.
– Со тоа, за граѓаните се создаваат повеќе алтернативи за да ги напуштат автомобилите – наведе првиот човек на Градот.
Ѓорѓиевски очекува дека до крајот на неговиот мандат скопјани да ги почувствуваат придобивките од БРТ.
За овој проект ЕБОР уште пред неколку години одобри кредит од 70 милиони евра, од кои 40 милиони евра се предвидени за првата фаза, односно за БРТ-линијата 1, а 30 милиони евра се наменети за втората линија, која треба дополнително да биде разгледана и подготвена.
Овој тендер не е тендер за набавка на автобуси, туку за инфраструктурата на БРТ-системот. Набавката на возилата ќе биде одделна постапка.
Неодамна, во изјава за медиумите, скопскиот градоначалник рече дека неговите очекувања, како и на тимовите вклучени во реализацијата на проектот, се дека градежните активности би можеле да почнат доцна напролет наредната година, со поставување камен-темелник и официјален почеток на изградбата.
(А. П.)












