четврток, септември 17, 2026
Дома СКОПСКА Двокатните автобуси се пробиваат низ крошните, пешаците под гранките од дрворедите

Двокатните автобуси се пробиваат низ крошните, пешаците под гранките од дрворедите

35

Неискастрените крошни на дрвјата кои се покрај улиците низ кои сообраќаат автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) претставуваат проблем, посебно за двокатните автобуси, но и претставуваат опасност за патниците во нив.

Граѓани укажуваат на тоа дека гранките од дрвјата се толку надвиснати над коловозите што ги допираат, па, дури и ги гребат автобусите, но не дај Боже, и можат да скршат некое стакло и да повредат некого.

– Секој ден се возам со двокатен на горниот кат и, искрено, патувањето на некои делници од булеварите стана вистински екстремен спорт. На булеварот „Кузман Јосифовски-Питу“, во делот од ТЦ „Скопјанка“,  до Железничката станица, гранките од дрвјата се толку израснати и надвиснати што буквално го гребат целиот автобус. Кога возилото е во пoголема брзина и некоја подебела гранка силно ќе удри директно во горното стакло, сите патници се тресат од страв. Оние што седат на предните десни седишта инстиктивно ги  наведнуваат главите, некои дури и пискаат од страв. На некои од автобусите има прозорци со видливи пукнатини и длабоки гребнатини од тие удари. Прашање на време е кога некоја постабилна гранка ќе скрши стакло и ќе повреди некого внатре, ако надлежните конечно не излезат на терен да ги искастрат дрвјата дури е време – го кажува своето искуство една патничка од населбата Ново Лисиче, која секојдневно патува до работа минувајќи по овој булевар.

Граѓаните се жалат дека неискастрените гранки се толку надвиснати над пешачките патеки што им пречат и на пешаците. Таква е ситуацијата во центарот на Скопје, на тротоарите од улицата „Св. Кирил и Методиј“ спроти ТЦ Рамстор.

Од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, коe е надлежнo за поткастрување на гранките по улиците и булеварите каде што минуваат градските автобуси, велат дека нивните екипи од Секторот – Дрвореди минатиот месец биле интензивно ангажирани на расчистување на последиците од невремето кое го зафати Скопје, работејќи во две смени и во ноќните часови, како и за време на викендите. Па, затоа образлoжуваат дека сите капацитети, како во механизација така и во човечки потенцијал, биле приоритетно насочени кон расчистување на градот. Но, наведуваат дека според планот за работа, од наредната недела, ќе пристапат кон кастрење на гранките од дрвјата по трасата по која возат автобусите на ЈСП.

– Инаку, нашето претпријатие редовно врши поткастрување на гранките на дрвјата на оние локации кои ни се посочени од страна на ЈСП како опасни за поминување на автобусите – одлучни се од ЈП „Паркови и зеленило“.

Од ЈСП додаваат дека континуирано ја следат состојбата на терен, особено на делниците по кои се одвива автобускиот сообраќај.

– Во координација со ЈП „Паркови и зеленило“, секојдневно се следат и се преземаат соодветни интервенции на локациите каде што гранките од дрвјата го отежнуваат или можат да го попречат непреченото движење на автобусите. Соработката со ЈП „Паркови и зеленило“ е континуирана, а интервенциите се реализираат согласно со утврдените потреби на терен, со цел да се обезбедат услови за безбедно и непречено одвивање на автобускиот сообраќај – тврдат од ЈСП.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ