– Стрипот не е само цртање туку и дел од општественото живеење, од културата на една земја, а Македонија, иако е мала по население и територија, има што да покаже пред светот. Со нашите претходни активности и проекти со училишта низ целата Република, го афирмиравме стрипот како уметност што дава неограничени можности за креирање мисли, пораки и приказни, за кои на младите не им недостига фантазија – вели за весникот ВЕЧЕР Ване Трајков, организатор и извршен директор на Стрип0центарот на Македонија. Со него разговаравме за значењето на стрипот за младите, за предизвиците со кои се соочува македонската стрип-сцена и за амбицијата Велес да стане уште позначаен центар на европската и на светската стрип-култура
Стрипот не е само забава туку и уметност преку која се раскажуваат приказни, се пренесуваат пораки, се развиваат фантазијата и критичкото мислење и се отвора простор младите да го изразат својот поглед кон светот. Во време кога нивното секојдневие е сè повеќе исполнето со дигитални содржини, стрипот нуди поинаков свет – свет во кој има простор за имагинација, творештво и за личен израз. Токму во афирмирањето на стрипот како уметност, особено меѓу младите, повеќе од три децении работи Стрип-центарот на Македонија, со седиште во Велес. Годинава интересот за традиционалниот меѓународен конкурс „Велес 2026 – Златен стрип“, во рамките на 23. Меѓународен стрип-салон, достигна рекордни размери, а особено радува зголемениот број млади и женски автори, што покажува дека стрипот и натаму наоѓа нови генерации творци. Од 20 до 23 август, во Куќата на Касапови во Велес ќе се одржи осмата Меѓународна стрип-колонија, со исклучиво женско учество на 14 авторки од Македонија, Романија, Бугарија, Србија и од Хрватска. Со овие активности, Велес се позиционира како место на средба на домашната и на меѓународната стрип-сцена, но и како град што преку деветтата уметност го гради својот културен и туристички идентитет.

Годинава конкурсот „Златен стрип“ бележи рекордна заинтересираност. Колку дела се пристигнати, од кои земји и што, според Вас, стои зад зголемениот интерес?
На годинашниот Меѓународен конкурс за стрип што го распишавме по повод 23. Салон на стрип – Велес 2026, пристигнаа рекордни 495 труда од речиси сите континенти, освен Австралија, и дваесетина земји, од кои повеќето се од Македонија и од Србија. Радува податокот што од македонските автори имаме групни испраќања, како што се училиштата од нашата држава, што е резултат на нашите претходни активности и проекти со училиштата низ целата Република, каде што го афирмиравме стрипот како уметност што дава неограничени можности за креирање мисли, пораки и приказни, за кои на младите не им недостига фантазија. Изненадува слабиот одзив на постарата генерација стрип- автори, иако наградите што ги доделуваме, особено паричните, не се за потценување. Но, затоа, пак, авторите од соседна Србија учествуваат во голем број и речиси секогаш го освојуваат „Златниот стрип“ (300 евра). Воведовме и дополнителна награда за млади македонски автори (три пати по 100 евра), и тоа два резултати во нивното пријавување. Освен тоа, поквалитетните автори ги објавуваме во нашето списание „Стрип Креатор“ каде учесниците на конкурсот можат да си ги видат своите стрипови. За жал, нема други такви списанија кои објавуваат стрипови од надежни млади автори. Да констатирам дека во последниве години многу повеќе добиваме стрипови од девојчиња како од Македонија, така и од други земји.
Што ќе можат посетителите да видат на овогодишниот Меѓународен стрип-салон кој се отвора на 19 август (20 часот) во Јуроп хаус во Велес?
На годинешниот Салон на стрип ќе поставиме изложба од наградените автори, стрипови кои влегоа во потесниот избор за награди, како и на автори кои заслужуваат да го видат својот стрип на една голема манифестација како што е оваа. Освен тоа, оваа година ќе претсавиме три извонредни авторки од Романија, чии илустрации, насловници и стрипови се наоѓаат на многу стрип изданија, изложби и книги, како во Романија така и во светот. Овие млади девојки ќе бидат, исто така, дел од поголемата група на стрип авторки од повеќе земји кои ќе учествуваат на Стрип колонијата во Велес, што ќе се одржи по осми пат оваа година.
Денес стрипот често се поврзува со филмот, гејмингот, дигиталната уметност и други медиуми. Колку е важно за вас салонoт да го афирмира стрипот како самостојна уметничка и културна форма?
Во наплив на големото влијание на електрониката и вештачката интелегенција, филмските блокбастери и медиуми, се обидуваме стрипот да го држиме во неговата изворна класична форма, иако, морам да признаам, сите овие нови технологии што ги спомнав, вршат големо влијание на авторските стрипови што ги добиваме на конкурсите во последниве години, па, не ретко, добиваме македонски стрипови со супер јунаци и стрипови кои спаѓаат во групата на експериментални стрипови. Поради ова решивме од оваа година да доделуваме и награда за експериментален стрип и ме радува фактот дека се тоа млади автори од нашата земја, поточно Скопје.
Каква е улогата на традиционалната стрип-колонија во развојот на македонската стрип-сцена?
Стрип колонијата се обидува да ги собере на едно место традиционалните форми на стрип творење, но не сме затворени и за поавангардни автори. Низ изминативе осум години поминаа многу реномирани автори од други земји, но се потрудивме да донесеме и автори од Македонија за кои, се надеваме, дека нивното време доаѓа. Во изминативе години ние ги повикувавме авторите да дојдат во Велес, а оваа година имавме пријавувања од автори кои самите сакаа да дојдат и земат учество на Колонијата. За жал, поради однапред ограничениот број на учесници, некои од нив моравме да одбиеме и да ги вклучиме за следната година. Тоа е знак дека Колонијата е на добар пат со своето реноме да допринесе за афирмација на Македонија, преку стрипот, која патем да споменам дека е втора од ваков вид во Европа.

Со какви предизвици се соочува Стрип-центарот во моментов и што би можело да се направи за Велес да стане уште позначаен центар на европската и светската стрип-култура?
Стрип центарот на Македонија – Велес во изминативе години допринесе за значајно зголемување на популарноста на стрипот како уметност во нашата земја. Кога започнавме со нашата работа бевме само ние, а сега има 4 – 5 сродни Здруженија кои организираат слични настани, работилници, фестивал на стрип, предавања и слично. Повеќето од нив беа наши соработници во минатото, а сега не сакаат ниту да го споменат нашето постоење. Ние на некој начин им го отворивме патот кон оваа уметност и им покажавме дека стрипот не е само цртање, туку дека е дел од општественото живеење, од културата на една земја, а Македонија иако е мала по население и територија има што да покаже пред светот и ако успееме да го тргнеме синдромот од македонскот самоуништување имаме иднина. Во овој контекст, благодарни сме до Министерството за култура и туризам на Република Македонија, како и на Општината Велес, за несебичната помош што ни ја даваат сите овие триесетина години.
На 19 август ќе бидат прогласени најдобрите трудови. Што очекувате од овогодишната конкуренција и што би сакале публиката да понесе како впечаток од салонoт?
На 19 август ќе биде свеченото отворање на 23 Салон на стрип каде главен настан ќе биде доделувањето на наградите. Очекуваме голем број на посетители: наградени, заинтересирани љубители на стрипот, постарите генерации да се потсетат на едно време кога стрипот беше дел од нивната младост, младите генерации да видат дека покрај електронските апарати со кои се окупирани преку целиот ден можат да поминат неколку часа во еден друг свет на магија и на сите оние кои случајно ќе се најдат во 20 часот во Европската куќа во Велес, еден необичен настан од фантазија, историја, сегашност… преку делата на дел од пристигнатите автори од целиот свет. Велес тој ден ќе биде дел од светските текови на деветтата уметност.
Даниела ТРАЈКОВСКА












