вторник, септември 1, 2026
Дома СВЕТ Џорџа Мелони се подготвува да слави – ја води најдолговечната повоена влада...

Џорџа Мелони се подготвува да слави – ја води најдолговечната повоена влада на Италија

2
EPA/RICCARDO ANTIMIANI

Италијанската премиерка Џорџa Мелони е на чекор до достигнување кое до неодамна изгледаше невообичаено за земја позната по политичката нестабилност – да води влада која ќе биде најдолготрајна во Италија од Втората светска војна наваму. Со тоа ќе го надмине рекордот од 1.412 последователни дена на чело на италијанската влада, поставен од Силвио Берлускони во 2005 година.

За да го одбележи овој момент, откако ги ублажи популистичките инстинкти со прагматизам откако дојде на власт во октомври 2022 година, Мелони планира митинг во петок, 4 септември. Таа ја истакнува долговечноста на нејзината коалиција како едно од нејзините најголеми достигнувања.

Откако смени дури 68 влади за 80 години, Италија се покажа како многу постабилна во периодот на глобални конфликти од Франција, која смени пет премиери од есента 2022 година, додека Велика Британија имаше четири. Сепак, токму кога Италија почнува да го губи својот углед како политички нестабилна земја, анкетите сугерираат дека парламентарните избори во 2027 година би можеле да донесат пофрагментирана и потенцијално помалку стабилна политичка сцена, пишува „Ројтерс“.

– Постои реален ризик дека по следните избори ќе се вратиме на најлошата форма на поделен парламент, рече Роберто Д’Алимонте, професор по италијанска политика на Универзитетот Луис во Рим.

Иако рекордот на Силвио Берлускони за најдолг последователен мандат наскоро ќе биде срушен, тој сепак ќе остане премиерот со најдолг стаж во Италија – околу девет години во четири мандати помеѓу 1994 и 2011 година. Загрижени за можното враќање на политичките превирања, коалициските партнери ги нагласуваат придобивките што ги донесе четиригодишното непрекинато владеење. Заменик-министерот за надворешни работи, Едмондо Чириели, од партијата на премиерката Браќа на Италија, рече дека владата успеала да ги држи дефицитот и долгот под контрола, додека во исто време, бројот на вработени се зголемил за 1,2 милиони, а стапката на невработеност паднала под шест проценти.

Но, експертите не очекуваат стабилноста да трае вечно. Анкета објавена од „Би-ди медиа“ на 26 август покажа дека коалициските партнери имаат само 38,5 проценти поддршка, додека широкиот блок на левиот центар, длабоко поделен околу надворешната политика и склонен кон постојани внатрешни конфликти, е блиску до клучниот праг од 42 проценти.

ИЗДВОЕНИ