Изложбата „Бруталист“, заеднички проект на македонските автори Благојче Наумоски-Бане и Петар Новковски, ќе биде отворена на 9 септември, со почеток во 19 часот, во Галерија 73 во Белград.
Како што вели Наумовски, изложбата претставува средба на два различни авторски пристапи кон бруталистичката естетика, низ истражување на формата, материјалот, архитектурата и трагите што времето ги остава врз нив.
–„Бруталист“ не го третира брутализмот единствено како архитектонски правец, туку како визуелен и концептуален јазик преку кој авторите го истражуваат односот помеѓу просторот, структурата, материјалот и времето, вели Наумовски.
Преку своите дела, Благојче Наумоски-Бане и Петар Новковски – INCHRONAX создаваат дијалог помеѓу два индивидуални ликовни изрази, обединувајќи ги околу заедничкиот интерес кон суровата, но истовремено силно изразна естетика на брутализмот.
Инаку, инспирацијата од брутализмот не се однесува само на архитектонската естетика на бетонот, масивноста и конструктивната грубост, туку и на филозофската суштина на неговата форма – идејата дека формата ја изразува сопствената материја, без непосредни украси или симболички филтри.
Изложбата во „Галерија 73“ претставува можност публиката во Белград да се запознае со дел од актуелното творештво на македонските автори и со нивните современи интерпретации на бруталистичката визуелна култура.












