Холивудската ѕвезда Џорџ Клуни, синоќа, на отворањето на 83. Венециски филмски фестивал (Мостра), ја прими почесната награда „Златен лав“ за животно дело.  Како што пренесоа странските медиуми, емотивната церемонија на која актерот беше награден за неговата децениска кариера, тој и неговата сопруга Амал ја проследија со солзи.

Наградата му ја врачи неговата пријателка и колешка, актерката Лора Дерн. По ретроспективата на кариерата на Клуни, Дерн рече дека е привилегирана што може да му оддаде почит на својот долгогодишен пријател. Таа потсети дека тој бил номиниран за Оскар во шест различни категории и го опиша како „човек со интегритет“, посветен на активизам, но и на колегите актери и филмски автори.

„Тој е најдобриот пријател што можете да го имате и најсмешната личност што некогаш ќе ја запознаете“, рече Дерн, забележувајќи и дека списанието „Пипл“ двапати го прогласило за најсекси маж на светот.

Дерн, исто така, истакна дека Клуни е исклучителен колега. „Со него веднаш станувате подобар актер. На снимање сте со мајстор. Тој ги гледа своите колеги како јастреб. Можете да го почувствувате Џорџ како навива за вас“, рече таа.

Не сакајќи само таа да зборува за Клуни, Дерн побара од неговите најблиски пријатели и соработници да испратат свои пораки, па ги прочита од Бред Пит, Адам Сандлер, Стивен Содерберг, долгогодишниот агент на Клуни, Брајан Лорд, Александар Пејн и Ноа Баумбах.

Притоа, Александар Пејн ги истакна човечноста и сочувството на Клуни и го спореди со големите холивудски ѕвезди од минатото како Кларк Гејбл и Кери Грант, наведувајќи дека Клуни има способност да го натера лицето со кое разговара да се чувствува како најважната личност во просторијата. Адам Сандлер накратко рече дека „никој не мисли на другите како Џорџ“, додека Бред Пит се пошегува нарекувајќи го „момче од Кентаки кое оди со нозете свртени навнатре“, но и човек кој е шегаџија, алтруист, актер, спортист, татко, сопруг, граѓанин на светот и борец за правда.

По овациите, Клуни одржа говор кој започна со хумористична нота.

„Кога ќе ви кажат дека ќе добиете награда за животно дело, само две работи ми паѓаат на ум. Првото е каква неверојатна чест е ова. Второто е: Дали тие знаат нешто што јас не го знам?“, рече тој. Потоа се осврна на својата 45-годишна актерска кариера и луѓето што му помогнаа да стигне до местото каде што е денес.

Како што додаде Клуни, кога човек се осврнува наназад низ годините, сфаќа дека неговата кариера не била толку резултат на голем план, колку „низа среќни случајности“. „Некој ми ја даде мојата прва работа. Режисерот виде во мене нешто што јас сè уште не го видов. Сценаристот напиша подобри реплики отколку што заслужував. Член на екипата ме направи да изгледам како да знам што правам. Со текот на времето, сфаќаш дека никој никаде не стигнува сам“, рече тој.

Потоа зборуваше за тоа што научил низ годините доаѓајќи на фестивали како Венеција и гледајќи филмови од различни делови на светот. „Никој не се смее на различен јазик. Никој не плаче на различен јазик. Родителите се грижат исто. Децата сонуваат исто. Љубовта изгледа извонредно слично на секој јазик, што го отежнува верувањето дека сме толку различни како што постојано ни се кажува“, рече тој.

Тој се осврна и на моменталната политичка ситуација. „Живееме во момент кога луѓето на власт, луѓето со најмногу пари, ни велат дека треба да се плашиме едни од други. Но, знаеме дека не е така, нели?“, рече Клуни.

Делот од говорот во кој зборуваше за авторитарните режими, новинарите и уметниците, привлече најголемо внимание. „Првите луѓе што авторитарците се обидуваат да ги замолчат, не се политичарите. Тоа се новинарите што поставуваат прашања, уметниците што одбиваат едноставни одговори. Тоа се режисерите, писателите, актерите и музичарите што инсистираат дека некој што никогаш не сте го сретнале, заслужува ваша емпатија“, рече тој.

Клуни додаде дека приказните се „секогаш опасни за луѓето што шират страв“.

„Луѓето што се плашат од книги, музика и приказни никогаш не се херои на историјата. Да, филмовите не ги запираат војните. Тие не ја намалуваат инфлацијата. Тие не ги поправаат изборите. Но, тие прават нешто извонредно. Тие нè потсетуваат дека странецот никогаш не е само странец и може да биде херој на туѓата приказна“, рече тој, заклучувајќи дека „ако сè уште можеме да седиме заедно во (кино)темницата и да се грижиме за луѓето што никогаш не сме ги сретнале, мислам дека можеби ќе бидеме добро“.

Инаку, врската на Клуни со Венеција и со фестивалот трае со децении. Неговата транзиција од телевизиска ѕвезда во еден од водечките актери во Холивуд доби на интензитет токму во Венеција, кога филмот на Стивен Содерберг „Надвор од видното поле“ беше прикажан на фестивалот во 1998. Тоа беше прво појавување на Клуни на Лидо. Во текот на следните години, тој стана редовен гостин на фестивалот, каде што премиерно беа прикажани некои од најважните филмови во неговата кариера, вклучувајќи ги „Мајкл Клејтон“ од 2007, „Горење по читањето“ од браќата Коен од 2008 и „Гравитација“ од Алфонсо Куарон. Венеција, исто така, одигра важна улога во неговата режисерска кариера. Филмот „Добра ноќ и среќно“ беше премиерно прикажан во натпреварувачката програма на фестивалот, каде што Клуни и Грант Хеслов ја освоија наградата за сценарио. Филмот подоцна доби шест номинации за Оскар.

По емотивниот дел од вечерта посветена на Клуни, кога Тути Феномени ја изведе „Love is Not Enough“, следуваше светската премиера на драмата за Руперт Мердок „Мастило“ (Ink) на Дени Бојл, во која глумат Џек О’Конел, Гај Пирс и Клер Фој. Филмот се натпреварува за „Златниот лав“ со уште дваесет филма.

Во текот на следните денови, во Венеција ќе бидат прикажани голем број премиери, вклучувајќи го трилерот „Primetime“ со Роберт Патинсон, „Wild Horse Nine“ од Мартин Мекдона, „Possible Love“ од Ли Чанг-донг, „Look Back“ од Хироказу Коре-еда и „Bunker“ од Флоријан Зелер. Седумчленото жири, предводено од Меги Џиленхол, ќе одлучи за победникот на „Златниот лав“ и другите главни награди, кои ќе бидат доделени на церемонијата на затворање на фестивалот на 12 септември.

Фото: ЕПА

ИЗДВОЕНИ