Во главната програма „Камера 300“, селекторот Слаѓан Пенев, покрај македонските „Скејтбордингот не е за девојчиња“ и „Нема да ви се верува што се случи претходно“, ги најави и копродукцијата „Срам и пари“, српскиот филм „До крајот на денот“, добитникот на „Златната мечка“ на Берлинале – „Жолти писма“, како и „Татковина“ и „Минотаур“
Македонскиот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума ќе го отвори, а дебитантскиот долгометражен филм на Срѓан Јаниќијевиќ, „Нема да ви се верува што се случи претходно“, ќе го затвори годинашното 47. издание на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, кое ќе се одржи од 19 до 25 септември, во Битола. Американскиот кинематографер Џеф Кроненвет, пак, познат по соработката со режисерот Дејвид Финчер, е добитник на специјалната награда „Златна камера 300“ за исклучителен придонес во светската кинематографија. Ова беше соопштено на денешната прес-конференција на која беше најавена и годинашната фестивалска програма на „Браќа Манаки“.

– Во Битола доаѓа човекот што е познат по тоа што прави екстремно квалитетни слики како директор на фотографија, човекот што гради прецизни слики и умешно ја користи светлината, но уште повеќе е познат по тоа што ја користи темнината, односно сенките. Човекот што ќе ја донесе во Битола атмосферата на трилер, човекот што ги изработи, можеби, едни од најпознатите трилери во историјата, човекот што му е близок соработник на еден од најголемите филмски режисери на современиот филм, мајсторот на светлината и сенките. Кроненвет, кинематограферот што доаѓа од Америка, е познат по филмовите „Боречки клуб“ (Fight Club), „Социјална мрежа“ (The Social Network), „Исчезната“ (Gone Girl), „Девојката со тетоважа на змеј“ (The Girl with the Dragon Tattoo)… Човекот што му е долгогодишен соработник на Финчер, го очекуваме на свеченото отворање на фестивалот, на 19 септември, во Битола – рече Димитрија Доксевски, директорот на ИФФК „Браќа Манаки“.
Доксевски додаде дека Кроненвет ќе биде гостин заедно со веќе најавениот годинашен лауреат на „Браќа Манаки“, добитникот на наградата „Златна камера 300“ за животно дело, данскиот кинематографер Дан Лаустсен, долгогодишен соработник на режисерот Гиљермо дел Торо. Но, најави и дека на 47. издание во Битола ќе присуствуваат и повеќемина исклучителни кинематографери како американско-полскиот кинематографер Јануш Камински, поранешен лауреат на „Браќа Манаки“, потоа оскаровецот Воли Фистер, познат како долгогодишен соработник и кинематографер на Кристофер Нолан кој во 2025 ја доби престижната награда „Златна камера 300“ за животно дело, како и легендарниот европски кинематографер, Тимо Салминен. Сите тие ќе бидат дел од богатата програма на годинашното издание, со мастеркласови, на панел-дискусиите или како дел од жирито.
Претставувајќи дел од 12. филма што ќе се прикажат во главната натпреварувачка фестивалска програма „Камера 300“, селекторот Слаѓан Пенев истакна дека кинематографер на филмот што го отвора годинашното издание, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дума, е Фредерик Ноиром, а ова македонско остварување веќе постигна забележителен успех на големите филмски фестивали како што се „Трајбека“ во Њујорк и Сараевскиот филмски фестивал.

-Филмот на затворањето, исто така, ќе биде македонски, а деновиве ќе има светска премиера на Филмскиот фестивал во Олденбург, Германија. Тоа е дебитантскиот филм на Јаниќијевиќ, „Нема да ви се верува што се случи претходно“, чиј кинематографер е Дејан Димески, еден од позначајните кинематографери во новата македонска кинематографија, бидејќи речиси со сите свои филмови бил учесник во програмите на „Браќа Манаки“. Во 2017 ја доби „Бронзената камера 300“ за филмот „Жаба“ (The Frog), а дел од филмовите што стојат зад неговиот потпис се и „Трето полувреме“, „Ослободување на Скопје“, „Балканот не е мртов“. Димески е еден од најплодните македонски кинематографи и ќе ни биде драго повторно да го видиме неговиот најнов филм – рече Пенев.
Пенев додаде дека дел од главната фестивалска програма ќе бидат и: македонската малцинска копродукција „Срам и пари“ во режија на Висар Морина, на кинематограферот Јанис Мазух, српскиот филм „До крајот на денот“ на Јелена Максимовиќ, на кинематограферот Паул Шпенгеман, кој ќе ја има светската премиера во рамките на програмата „Хоризонти“ на Венецискиот фестивал, а на „Браќа Манаки“ ќе има регионална, исто така филмот „Жолти писма“ на тандемот Илкер Чатак – Јудит Кауфман, добитник на „Златната мечка“ на годинашново Берлинале, филмот „Татковина“ на Павел Павликовски, чиј кинематографер е Лукаш Жал, како и последниот филм на тандемот Андреј Звјагинцев – Михаил Кричман, „Минотаур“…
– Годинашнaтa документарна натпреварувачка програма на 47. „Браќа Манаки“ ќе претстави десет филма снимени во шеснаесет земји – рече, пак, Кумјана Новакова, селекторка на документарната програма.
Со седум филма снимени во 2026 и три во 2025 година, селекцијата ги спојува етаблираните и новите кинематографски гласови од Балканот, Европа, Блискиот Исток, Африка и од Северна Америка. Низ лични и интимни приказни до историски теми и географски истражувања, селектираните филмови се фокусираат на прашањата за политиките на сеќавање, борбите против насилството и опстанокот.

Краткометражната програма годинава носи 15 филма и, според селекторката Марија Апчевска, која заедно со Атанас Велковски го направи годинашниот избор, продолжува една важна традиција на „Браќа Манаки“: да открива нови кинематографери, но и да ги следи авторите кои повторно се враќаат на фестивалот со нови филмови. Особено значајно е силното македонско присуство во годинашната програма на кратки филмови, преку авторите Леон Ристов и Самир Љума со „Никола, Никола“, Милена Витман и Марина Колоска со „Раѓање“ и Наум Доксевски, кинематографер на „Очите на Берна“.
Студентската селекција, која ја направи Ханис Багашов, пак, носи 14 филма од автори со различно потекло и различни филмски школи. Во сржта на секој филм се човечките чувства обликувани од индивидуалните гледни точки, темперамент и чувството за простор. Македонски филм во оваа програма е „Езерото“, во режија на Софија Христовска, а кинематографер е Димитар Атанасоски.
Со цел зголемување на присутноста на публиката на фестивалот (освен на отворањето и затворањето), директорот на „Браќа Манаки“, Доксевски, посочи дека за средношколците и за студентите е предвидена повластена цена на билетите со попуст до 50 отсто. (Н. И. Т.)












