Пред четвртата етапа од женската велосипедска трка Тур де Франс, се појави необична контроверзија. Имено, неколку велосипедски тима ги обвинија своите ривали дека вештачки ги зголемуваат градите за да добијат аеродинамична предност при возењето, пишува „Телеграф“.
Според специјализираниот холандски портал „Вилер флиц“, некои тимови се сомневаат дека некои натпреварувачки вметнуваат влошки во своите градници за да го променат обликот на градите. Овој метод, познат како облога на градите, треба да го подобри протокот на воздух низ телото и со тоа да овозможи малку поголема брзина.
Иако звучи необично, експертите тврдат дека навистина може да постои таква предност
Професорот по аеродинамика Берт Блокен од Универзитетот „Хериот-Ват“ во Шкотска и ЛАТ во Финска, изјави за „Телеграф спорт“ дека видел фотографии што сугерираат дека некои велосипедистки вметнуваат разни предмети под своите дресови.
– Ми испратија фотографии што сугерираат дека некои велосипедистки навистина вметнуваат одредени предмети под своите дресови – рече Блокен.
Тој додаде дека е дискутирано и за тоа во машкиот велосипедизам.
– Ова беше сериозен проблем на машките трки во 2023 и 2024 година. Објавив научен труд за ова и разговарав со Меѓународната велосипедска унија – рече тој.
Според неговото истражување, промената на обликот на градите може да го намали отпорот на воздухот за 3,6 проценти. На етапа од 21 километар, ова би можело да даде водство од повеќе од 16 секунди, што е огромна разлика во возењето велосипед на врвно ниво. Причина е положбата што ја заземаат велосипедистките додека возат. Кога се свиткани над кормилото, се создава простор помеѓу кацигата, рамената и градите во кој воздухот е како во вител и го забавува возачот. Ако се позаоблени градите, воздухот полесно поминува низ телото, намалувајќи го отпорот.
Сепак, ваквите модификации не се дозволени. Правилата на Меѓународната велосипедска унија забрануваат какви било промени на облеката или на опремата што би го промениле обликот на телото за да се добие предност. Велосипедистките што ги кршат правилата можат да бидат дисквалификувани и казнети.
Поради обвинувањата, организаторите на женскиот Тур де Франс најавија зголемени проверки пред почетокот. Судиите ќе ги проверуваат велосипедите и опремата, но, исто така, ќе проверуваат дали има нешто на или под облеката што би можело да го промени обликот на телото.
Според Вилер Флитс, некои тимови веруваат дека проверките треба да бидат уште построги. Тие предлагаат натпреварувачите да бидат проверени веднаш по трката за да се провери дали кријат нелегални влошки во градниците или под дресовите.
Ниту Меѓународната велосипедска унија ниту организаторите на трката досега не коментираа за обвинувањата. Но, фактот дека се воведени дополнителни проверки покажува дека тие ја сфаќаат целата работа сериозно и сакаат да спречат каква било можност за измама.












