Возачот на минибус, кој сообраќал на релацијата Ајвалик – Саримсакли, изгубил контрола над возилото.
Едно лице загина, а десет други се повредени денес откако минибус падна во морето во областа Ајвалик, во провинцијата Баликесир, Турција.
Според извештаите, минибусот – во кој имало патници – паднал во морето откако возачот доживеал срцев удар зад воланот и изгубил контрола над возилото, пренесува „Sabah“.
Во соопштение од канцеларијата на гувернерот на Баликесир се потврдува дека возачот, Батухан Јилмаз, починал, додека 10 патници – меѓу кои и едно дете – биле спасени од морето; нивните животи не се во опасност.
Инцидентот се случил околу 12:30 часот на булеварот „Ататурк“ во Ајвалик. „Возачот на патнички минибус, кој сообраќал на релацијата Ајвалик – Саримсакли, изгубил контрола над возилото откако доживеал срцев удар. Противпожарната служба на градската општина Баликесир во Ајвалик испратила три возила и осум припадници на местото на настанот. Операцијата за спасување – спроведена од полицијата, противпожарната служба и крајбрежната стража – е завршена, а минибусот е извлечен од водата со помош на мобилна кран-дигалка“, се наведува во соопштението, пренесува „Танјуг“.












