Товарен брод што пловел под сомалиско знаме денеска потона во Црното Море, во близина на Бугарија, соопшти Министерството за транспорт на земјата.
Сите 12 членови на екипажот – осум турски и четворица азербејџански државјани – беа спасени во операција во која учествуваа четири пловни објекти: два од Бугарија, еден од Романија и еден од Турција.
Екипажот на бродот утрово испратил повик за помош, пријавувајќи дека бродот тоне на околу 40 наутички милји југоисточно од ’ртот Калиакра.
Според Министерството, бродот, именуван „BETUL 8“, пловел од романското пристаниште Тулча кон Египет, превезувајќи три тони пченица.
Засега нема информации дали инцидентот е предизвикан од напад со беспилотно летало – слично на неодамнешните напади во близина на бугарскиот и романскиот брег, во кои беа погодени и оштетени трговски бродови. Аналитичари и политички лидери главно ја обвинуваат Русија за овие напади, поврзувајќи ги со нејзината тековна војна против Украина.
Минатата недела, беспилотни летала нападнаа уште четири пловни објекти во близина на романското пристаниште Сулина. На два од бродовите избувнаа пожари, но нема извештаи за повредени лица, пренесе „Бета“.












