Италијанските власти истражуваат смрт на најмалку 18 волци и неколку други диви животни пронајдени во рок од неколку дена во Националниот парк Абруцо, Лацио и Молизе, за кои постои сомневање дека биле отруени.
Телата се откриени на неколку локации во и околу националниот парк, кој долго време се смета за упориште на популацијата на волци во Италија, објави „Ројтерс“.
Властите на националниот парк соопштија дека животните најверојатно биле убиени од отровна мамка, што предизвика загриженост за јавната безбедност, како и за биодиверзитетот.
„Она што се случува е разорно“, се вели во соопштението.
Еколошката група „Легамбиенте“ соопшти дека три лисици и еден мршојадец биле пронајдени мртви во истиот регион, што предизвика страв од широко распространето нелегално труење.
„Ова е невиден напад врз заштитениот див свет“, се вели во соопштението.
Министерот за животна средина Гилберто Пицето Франтин ги опиша убиствата како „ужасни“, додавајќи дека ѝ наредил на шумската полиција на Италија да ги засили инспекциите во обид да ги идентификува одговорните.
„Министерството е особено внимателно и чувствително на заштитата на вид кој е толку важен за рамнотежата на нашиот екосистем“, рече тој во соопштението.
Заштитената популација на волци во Италија се опорави во последните години откако беше доведена до работ на истребување во 20 век.
Пописот од 2020-2021 година покажа дека околу 3.000 волци се регистрирани низ целата земја, но во некои рурални области земјоделците се жалеа на напади врз домашни животни.
Пратеникот на Зелено-левичарската алијанса, Анџело Бонели, ја обвини владата дека не успеала да се соочи со ловечкото лоби, кое се смета за блиско до десничарските партии во владејачката коалиција.
„Потребни се брзи истраги, построги контроли и соодветни санкции“, рече тој, пренесе „Танјуг“.












