– Во постојаната нумизматичка поставка се изложени околу 2.500 монети, кои датираат од почетоците на монетоковањето на овие простори, од 6 век пр. н. е., па сè до 19 век. Во поставката се претставени монети откриени преку археолошки истражувања од целата територија на државата, посочи директорката на Националниот археолошкиот музеј, Магдалена Манаскова, за нумизматичката поставка која беше отворена на 18 Мај, Меѓународниот ден на музеите, а која привлече бројни посетители. Вчеравечер, голем интерес предизвика и презентацијата на проектот „Модата низ минатото“
Импозантната нумизматичка збирка која опфаќа повеќе од 31.000 примероци на монети ковани од злато, сребро и бронза, пронајдени како поединечни наоди или во остави, откриени на различни локалитети низ целата држава, како и инклузивниот моден настан „Модата низ минатото“, вчеравечер, во Националниот археолошки музеј, предизвикаа огромен интерес кај посетителите.

– По повод Меѓународниот ден на музеите, 18 Мај, под годинашното мото „Музеите го обединуваат поделениот свет“, Археолошкиот музеј подготви програма која преку културното наследство потсетува на она што нè поврзува – приказните, вредностите и човечкото искуство низ времето, посочи на отворањето на настанот директорката на Националниот археолошкиот музеј, Магдалена Манаскова. Таа истакна дека новата постојана нумизматичка поставка, преку монетите –едни од најдинамичните сведоштва на минатото – ја раскажува приказната за економските, политичките и културните врски што низ вековите ги поврзувале различните цивилизации и простори.
Во постојаната нумизматичка поставка се изложени околу 2.500 монети, кои датираат од почетоците на монетоковањето на овие простори, од 6 век пр. н. е., па сè до 19 век. Во поставката се претставени монети откриени преку археолошки истражувања од целата територија на државата. Меѓу позначајните наоди се издвојуваат: оставата со тетрадрахми од Прилепец, Прилеп од 3 век пр. н. е.; оставата со тетрадрахми од Првата македонска област од Богданци, датирана околу 120 – 100 г. пр. н. е.; оставите со римски републикански денари од Глишиќ, Кавадарци и Пирава, Валандово од 1 век; како и оставата со антонинијани од Римскиот форум во Стоби од 3 век. Од средновековниот период, пак, како што велат од Археолошкиот музеј, особено значајни се: депото со византиски солиди и тремизи од Секулица, Кратово од 6 век; оставата со солиди и хистаменони од виничкото Кале, Виница од 10 век; депото со никејски хиперпирони и венецијански грошеви од скопското Кале од 13 век; депото со српски денари од Кривогаштани, Прилеп од 14 век; како и оставата со османлиски монети од Орта Џамија, Струмица од 17 век.

Голем интерес завчеравечер предизвика и презентацијата на проектот „Модата низ минатото“, која се реализираше во организација на Националниот археолошки музеј, во соработка со Модниот институт „Изет Цури“, професорот Никола Ефтимов и млади студенти кои активно учествуваа во процесот на изработка на моделите.
– Проектот „Модата во минатото“ претставува пример како музејските предмети и научните сознанија можат да добијат нов живот и да станат мост меѓу различни генерации, култури и заедници. Особено значење на овој настан му дава учеството на деца од здружението за поддршка, инклузија и подобрување на квалитетот на животот на лицата со Даунов синдром, чиј ангажман ја нагласува суштинската улога на музеите како промотори на отвореност, прифаќање и заедништво, истакна Манаскова.

Во рамките на проектот беа изработени 12 костими, преку кои посетителите симболично патуваат низ различни историски периоди согледани низ призмата на модата. Костимите беа поделени во четири временски целини: праисторија, антика, византиски и отомански период. Целта на проектот, како што велат од Археолошкиот музеј, е преку реконструкции на историски костими да се доближи модниот стил и начинот на облекување на луѓето во минатото.
На настанот беа вклучени и здруженија за поддршка на лица со попреченост, со што симболично се заокружи годишната тема на Меѓународниот ден на музеите – „Музеите обединуваат поделен свет“. (Д. Т.)












