Американскиот претседател, Доналд Трамп, е критикуван поради новиот фонд вреден повеќе од 1,7 милијарди долари, наменет за наводни жртви на политички и идеолошки мотивирани владини дејства. Министерството за правда појасни дека се создава фонд од 1,776 милијарди долари за обесштетување на политичките сојузници кои биле гонети за време на администрацијата на Џо Бајден.
– Доналд Трамп ја тужеше сопствената влада. Министерството за правда на Трамп се спогоди со Трамп. А сега Трамп добива фонд од речиси две милијарди долари за да ги награди сопствените сојузници, лојалисти и бунтовници. Тоа не е правда. Тоа е корупција што се случува пред наши очи, рече лидерот на малцинството во Сенатот, демократот Чак Шумер.
Во јануари, како приватно лице, Трамп, ја тужеше владата, барајќи милијарди долари отштета. Тужбата беше за поранешен вработен во Службата за внатрешни приходи, кој го обвини за нелегален пристап до даночни податоци на семејниот конгломерат „Организација Трамп“ за време на неговиот прв мандат и нивно споделување со медиумите. Министерството за правда објави дека канцеларијата на окружниот обвинител постигнала договор со Трамп за основање на фондот, во замена за отфрлање на тужбата.
Шумер ја повика Америка да види како Трамп „зема пари од вашата плата и ги става во џебовите на неговите другари, криминалци и бандити од Капитол“. Според неколку американски медиуми, фондот би можел да биде насочен кон поддржувачите на Трамп кои учествуваа во немирите во Капитол во 2021 година и беа обвинети за време на мандатот на Џо Бајден. Трамп издаде бројни помилувања за нив откако ја презеде функцијата во 2025 година.












