На конференцијата „Денови на Вардар 2026“ беше посочено дека за спас на најголемиот речен слив во државата се потребни конкретни мерки, обезбедени финансии и координирана работа на институциите. Планот за управување со Вардар мора да се спроведе во практика, со вклучување на земјоделството, стопанството, науката и на локалните самоуправи. Од Скопје, Швајцарија, ЕУ, Грција и од Косово стигна заедничка порака дека чистата вода е услов за здрав живот, сигурно производство на храна и за подобра иднина на следните генерации

Вардар не е само река што поминува низ градовите и селата, ниту само природна убавина што ја гледаме со години, а често забораваме колку ни е важна. Тој е извор на живот, вода за земјоделските површини, дел од природното богатство на државата и ресурс од кој директно зависат здравјето на граѓаните, економијата и иднината на следните генерации. Токму затоа неговата заштита не смее да остане само на убави зборови, ветувања и документи во институционалните фиоки туку мора да се претвори и во конкретни дела, инвестиции и во заедничка одговорност.

Ова беше главната порака од второто издание на годишната конференција „Денови на Вардар 2026“, која три дена се одржува во Скопје, со фокус на иднината на управувањето, користењето и заштитата на најголемиот речен слив во државата. На отворањето на конференцијата, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, порача дека заштитата на Вардар мора да стане долгорочен државен приоритет, а за тоа се потребни посилни институции, добра меѓусебна соработка и сигурни финансиски средства.

Според него, подготовката на првиот План за управување со сливот на реката Вардар е важен чекор напред, но вистинската работа почнува дури кога ќе почне да се спроведуваат предвидените мерки на терен. Тој потенцира дека не е доволно да имаме план на хартија, туку мора да видиме почисти реки, помалку загадување и подобра грижа за водата, која секојдневно ни е потребна.

– Водата не познава ресорски граници. Затоа ни е потребен вистински меѓусекторски пристап, во кој институциите ќе дејствуваат координирано и ќе преземаат заедничка одговорност – истакна Хоџа.

Тој посочи дека во изминатиов период има напредок во следењето на состојбата на водите, нивната класификација и утврдувањето на главните извори на загадување, што е забележано и во извештајот на Европската комисија за 2026 година. Сепак, предупреди дека заштитата на водите не може да биде задача само на Министерството за животна средина. Одлуките што се носат во земјоделството, енергетиката, индустријата и во општините имаат директно влијание врз реките и врз квалитетот на водата.

Особено внимание му беше посветено на земјоделството, кое, од една страна, зависи од доволно чистата вода, а, од друга, има обврска да придонесе за нејзиното зачувување. Државната секретарка во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Надица Џерковска, нагласи дека мора да биде вклучена заштитата на водите во земјоделските политики, програмите и во идните инвестиции во руралниот развој.

Поддршка за овој процес најави и Швајцарија, чија програма за управување, користење и за заштита на водите помага во создавањето подобар систем за грижа за водните ресурси во земјава. Швајцарскиот амбасадор Кристоф Зомер порача дека водата е заедничко богатство, па затоа и одговорноста за нејзината заштита мора да биде заедничка. Тој ги повика сите институции и партнери да го претворат постигнатиот напредок во конкретни резултати.

Важна порака стигна и од Делегацијата на Европската Унија. Заменик-шефот Бен Нупнау истакна дека Унијата досега има обезбедено 218 милиони евра за секторот животна средина и дека ќе продолжи да ги поддржува напорите за почиста вода и за поздрава животна средина. Тој посочи дека сливот на Вардар опфаќа околу 80 отсто од вкупните водни ресурси во Македонија, но и дека Скопскиот Регион е најголем загадувач на реката. Затоа, како што потенцираше, завршувањето на колекторскиот систем во Скопје и изградбата на пречистителната станица за отпадни води се од особено значење за македонската метропола. Овие проекти, кофинансирани од ЕУ, треба значително да го намалат загадувањето и да придонесат повторно состојбата на Вардар да биде подобра.

Но, Вардар не застанува на границите на државата. Неговата заштита бара и добра соработка со соседите, особено со Грција и со Косово. Амбасадорот на Грција, Јоанис Малукос, предупреди дека климатските промени, сушите, поплавите и зголемените потреби за вода се предизвици со кои се соочува целиот регион. Според него, чистата вода не е само еколошко прашање туку и услов за здрава економија, безбедно производство на храна и заштита на јавното здравје. Амбасадорот на Косово, Флориан Ќехаја, ја нагласи потребата од заедничка грижа за реките Лепенец и Вардар, кои се изложени на загадување од отпад со природно и со човечко потекло. Тој оцени дека може да се решаваат проблемите само преку силна соработка меѓу надлежните институции на двете земји.

Во рамките на тридневната конференција ќе се одржи и научен симпозиум со учество на професори и на експерти од регионот, како и средба на млади професионалци што работат во областа на управувањето и заштитата на водите.

Пораката што ја упатија соговорниците од „Денови на Вардар 2026“ е јасна: реката не може да се спаси со еден документ, една институција или со неколку убави говори. Потребни се пари, знаење, редовни контроли, одговорност и работа на сите нивоа.

– Зашто, кога го загадуваме Вардар, не ја уништуваме само реката туку ги загрозуваме и сопственото здравје, храната што ја произведуваме и иднината на нашите деца. Чистиот Вардар не е луксуз, туку потреба и обврска што не смее повеќе да се одложува – е главата поента од првиот ден на настанот.

(С. Бл.)  

ИЗДВОЕНИ