вторник, јуни 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ИМА НЕДОСТИГ ОД МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ, НО ДЕТСКАТА КЛИНИКА ТВРДИ: НИТУ ЕДНО ДЕТЕ...

ИМА НЕДОСТИГ ОД МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ, НО ДЕТСКАТА КЛИНИКА ТВРДИ: НИТУ ЕДНО ДЕТЕ НЕ СЕ ВРАЌА

54

Недостигот на медицински сестри ја принуди Универзитетската клиника за детски болести во Скопје привремено да спои два оддела, но раководството уверува дека ниту едно дете не останува без прием и лекување. Во исто време, од Клиниката се пофалија со значително намалување на смртноста кај хоспитализираните пациенти, која, според нивните податоци, е најниска во последните 17 години.

Директорот на Клиниката, Реџеп Мемеди, вели дека големиот број пациенти од целата држава и недоволниот број медицински сестри создале проблеми во организирањето на дежурствата, поради што привремено биле споени одделите за Имунологија и Пулмологија А.

– Бевме приморани привремено да направиме фузија на двата оддела за да можеме да имаме на располагање сестри кои ќе ги покриваат дежурствата. Одделот не е укинат, ова е привремено решение додека го пребродиме периодот со недоволен број кадар – изјави Мемеди.

И покрај намалените капацитети, тој нагласи дека на Клиниката не се враќа ниту еден пациент. „Ќе најдеме место, ги згрижуваме и ги третираме сите деца“, порача директорот.  Меѓутоа, бидејќи има недостаток на сестри, па двата оддела ги спојуваме за да имаме одреден фонд на луѓе, кои ќе можеме да ги организираме за дежурства – појасни Мемеди.

Според официјалните податоци од информатичкиот систем на Клиниката, стапката на смртност кај хоспитализираните пациенти бележи континуирано намалување. Ако во 2015 година изнесувала 1,51 отсто, со 108 смртни случаи, во 2025 година таа се намалила на 0,51 процент, односно 39 починати пациенти. Особено охрабрувачки, според Мемеди, се резултатите за првите три месеци од годинава.

– Во првиот квартал од 2026 година стапката на смртност изнесува 0,27 проценти, што е најниско ниво во последните 17 години и речиси двојно пониско од минатата година – истакна тој. Споредбата со 2016 година покажува уште поизразен пад. Пред десет години, во првиот квартал биле хоспитализирани 1.758 деца, од кои 37 починале, што претставувало стапка на смртност од 2,10 проценти. Годинава, во истиот период, биле хоспитализирани 1.841 пациент, а регистрирани се пет смртни случаи, односно стапка од 0,27 проценти.

Од Клиниката оценуваат дека подобрените резултати се должат на континуираната работа на медицинскиот персонал, како и на вложувањата во изминатите две години. Според директорот Мемеди, во изминатите 24 месеци биле реализирани повеќе од 24 капитални проекти, спроведени стотици активности од витално значење и ангажирани нови медицински, административни и технички кадри, проследени со нивна континуирана едукација.

– Ова значително намалување на стапката на смртност, како клучен параметар за квалитетот на медицинските услуги, е резултат на заедничката тимска посветеност и 24-часовниот ангажман на најдобрите експерти по педијатрија и целиот медицински и немедицински персонал – рече Мемеди.

Тој посочи дека позитивна оценка за постигнатите резултати дала и Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи, а како што нагласи, „најсилниот професионален и човечки мотив остануваат животот и здравјето на децата“. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ