Информацијата дека во сирење, декларирано со 20 проценти млечна маст, лабораториските анализи утврдиле присуство на само еден процент, предизвика бурни реакции во јавноста и кај надлежните институции. Случајот отвори сериозни дилеми за квалитетот и за составот на млечните производи што се пласираат на пазарот. На операторот му е изречена казна од 3.500 евра во денарска противвредност, но граѓаните сè уште немаат одговор дали станува збор за домашен или за увозен производ. Институциите и претходно предупредуваа на неправилности во производството на млечни производи, вклучително и употреба на млеко во прав и палмино масло. Од Организацијата за заштита на потрошувачите бараат јавно да се објави името на производителот или увозникот и да се воведат построги санкции, оценувајќи дека станува збор за измама казнива со закон. На социјалните мрежи се појавија многу реакции од граѓани зошто не се објавуваат имињата на фирмите кои правеле манипулации со млечните производи и кого штити АХВ?
– Добро е што се спроведуваат вакви контроли, но тие треба да бидат редовни и континуирани. Одамна се зборува дека во дел од сирењата има палмино масло, а на тоа укажуваат и самите трговци. Потребни се почести проверки за да се сузбијат ваквите појави, кои создаваат нелојална конкуренција меѓу производителите што чесно ги декларираат своите производи и оние што кријат важни информации од потрошувачите или намерно ги доведуваат во заблуда за да остварат поголем профит. Прикривањето податоци што се од суштинско значење за потрошувачите при донесување одлука за купување претставува измама и според Законот за заштита на потрошувачите се смета за нечесна трговска практика. Во вакви случаи, производителот може да се соочи и со дополнителни санкции. Сепак, во конкретниот случај не станува збор за небезбеден производ, туку за лажно декларирање. На декларацијата е наведено дека производот содржи 25 проценти млечна маст, додека анализите покажале дека има само еден процент, изјави за весникот ВЕЧЕР, Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачите на Македонија.
Според неа, палминото масло, кое често се користи како замена за млечна маст во одредени производи, мора јасно да биде означено на декларацијата, со точен податок за неговото учество и потекло. Таа оценува дека на пазарот е забележлив тренд на опаѓање на квалитетот на производите, додека цените постојано се зголемуваат, на штета на потрошувачите.
– Сè што е наведено на етикетата, производот мора и реално да го содржи, бидејќи декларацијата е своевидна лична карта на производот. Ние, како потрошувачи, не можеме сами да утврдиме колкав процент млечни масти содржи одреден производ и затоа им веруваме на информациите наведени на декларацијата и на производителот. Но, се покажа дека во многу случаи потрошувачите се доведуваат во заблуда. Поради тоа, сметаме дека треба јавно да се објави името на производителот, односно на увозникот, доколку станува збор за увозен производ, како и да се изрекуваат повисоки казни. Потрошувачите имаат право да знаат кој стои зад производот и за кои конкретни производи станува збор, бидејќи во овој случај се работи за измама, додава Лончар Велкова.
Доколку вакви неправилности се откриваат кај пакуваните млечни производи, се отвора прашањето каков е составот на сирењето што се продава во канти, урдата, кашкавалот и другите млечни производи. Поради тоа, од Организацијата на потрошувачите на Македонија ги поздравуваат контролите што ги спроведуваат инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство, но оценуваат дека тие треба да бидат почести, посеопфатни и континуирани за да се обезбеди поголема заштита на потрошувачите и поголема транспарентност на пазарот.
Вонредните контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во поголемите трговски синџири открија неправилности кај дел од млечните производи на македонскиот пазар. Од вкупно 45 анализирани мостри од млеко и млечни производи, кај 10 биле утврдени отстапувања од декларираниот квалитет.
Најголемо отстапување било констатирано кај ситно сирење, декларирано со 20 проценти млечна маст, а лабораториските анализи покажале дека содржи само еден процент. За прекршокот е изречена казна од 3.500 евра во денарска противвредност.
Казни добиле и уште осум производители и увозници поради разлики меѓу декларираниот и реалниот процент на млечна маст. Кај еден оператор било утврдено користење палмини масти во млечен производ, поради што производот бил повлечен од продажба и уништен.
Од АХВ најавуваат дека контролите ќе продолжат, а дополнително ќе бидат објавени и резултатите од анализите на сувомесните производи.
(А. С.)












