Горивата ќе поевтинат во просек за 3,84 %, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и новата ценовна листа на бензиските пумпи веќе ќе се применува од ноќеска на полноќ. Според одлуката, новите максимални малопродажни цени за еуросупер БС-95 ќе изнесуваат 88,00 денари за литар, за еуросупер БС-98 се 90,00 денари за литар, цената на еуродизел БС (Д-Е V) паднува на 85,50 денари за литар, на екстра лесно масло за домаќинство – 87,50 денари за литар, додека мазут М-1 НС ќе изнесува 47,906 денари за килограм.
Од Регулаторната комисија појаснуваат дека корекцијата е резултат на значително намалување на референтните цени на светските берзи, каде што кај бензините е регистриран пад од над 10 проценти, кај дизелот и екстра лесното масло исто така е забележан двоцифрен пад, додека кај мазутот намалувањето изнесува околу 8 проценти.
– Дополнително, во формирањето на конечните цени има влијание и стабилниот курс на денарот во однос на американскиот долар, како и измените во акцизната политика што ги донесе Владата, со кои се овозможи намалување на акцизите за 2 денари по литар за бензините и дизелот – стои во образложението на регулаторите.
И покрај глобалните ценовни флуктуации, надлежните институции оценуваат дека комбинацијата на пад на берзанските цени и фискални олеснувања придонесува за стабилизирање на домашниот пазар на горива.
Во исто време, на пазарот се забележуваат и одредени корекции по деривати, при што дизелот и екстра лесното масло бележат поизразено намалување, додека кај бензините има минимално приспособување во рамки на новата пресметка.
Дополнителна поддршка на пазарот најавија и од „ОКТА“, која од утре до 16 јуни воведува привремен попуст од 2 денари по литар за бензините од 95 и 98 октани, со цел, како што наведуваат од компанијата, да се ублажат ефектите од нестабилните меѓународни движења и да се поддржи крајната потрошувачка цена. Попустот од 2 денари за литар за бензин (95 и 98 октани), трговците што работат на продажба на големо и мало и набавуваат бензин од „ОКТА“ треба да го вкалкулираат во крајната цена.
– Како и досега, големопродажните и малопродажните трговци самостојно ќе ги утврдуваат своите крајни малопродажни цени, во согласност со нивните комерцијални политики и пазарните услови. Вкупно, се очекува придонесот на „ОКТА“ за поддршка на пазарот да надмине 7 милиони евра. Остануваме посветени на обезбедување сигурно и непречено снабдување со горива, притоа зачувувајќи ја долгорочната стабилност на своето работење и синџирот на снабдување – соопштија од „ОКТА“.
Глобален енергетски притисок
Меѓународната заедница будно ја следи ситуацијата на Блискиот Исток во очекување на евентуален договор меѓу САД и Иран што би можело да се рефлектира на цената на нафтата. Извршниот директор на „Шеврон“, Мајк Вирт, оценува дека вистинскиот ценовен шок би можел да се почувствува во текот на јуни и јули, кога глобалните резерви ќе започнат да се намалуваат со побрзо темпо. „Фајненшел тајмс“ ја пренесува неговата изјава дека стабилноста на пазарот досега беше одржувана поради големите резерви на сурова нафта, но и поради интервенциите од стратешките резерви на САД, а во тоа придонеле и испораките од земји под санкции, како Иран, Русија и Венецуела.
Вирт предупредува дека амортизерите на пазарот постепено исчезнуваат и дека во наредните недели е можно ценовните притисоци директно да се прелеат во физичкиот пазар, што би довело до нов пораст на цените кон крајот на јуни и во текот на јули.
Во меѓувреме, Европска Унија разгледува можност за привремено замрзнување на ограничувањата на цената на руската сурова нафта, а една од опциите е цените да се замрзнат на сегашното ниво, а се разгледува и можноста да се суспендира автоматскиот механизам за приспособување на цената до крајот на годината, како и да се задржи сегашниот лимит од 60 долари за барел, воспоставен од групата Г7. Овие дискусии доаѓаат во период кога претходно се очекуваше можност за зголемување на лимитот на 65 долари за барел на следниот ревизиски состанок во јули.
Брисел работи и на 21. пакет санкции против Русија, кој би можел да опфати банки, нафтени трговци, рафинерии и криптооператори во трети земји. Во фокусот се и околу 20 танкери поврзани со руската нафтена трговија. Русија, пак, веќе одговори со контрамерки на претходните санкции воведени од Група Г7 и сојузниците, со забрана за извоз на нафта и нафтени деривати, доколку договорите директно или индиректно вклучуваат почитување на ценовните ограничувања. Оваа мерка, воведена на крајот на 2022 година, е продолжена до 30 јуни 2026 година.
(С. Бл.)












