Милијардерот Илон Маск објави дека неговата платформа за вештачка интелигенција „Грог имеџин“ (Grok Imagine) ќе продуцира долгометражна филмска адаптација на Хомеровата „Одисеја“ до крајот на годината, за која тврди дека ќе биде „историски верен и лојален на оригиналното дело“.
Тој ја сподели објавата на социјалната мрежа „Икс“, каде што рече дека филмот ќе биде создаден со помош на вештачка интелигенција. Тој, исто така, прикачи линк до триминутно видео кое, според авторот на објавата, е генерирано со помош на „Грог имеџин“, и ја прикажува средбата на Одисеј и нимфата Калипсо, објавува „Гардијан“.
Објавата на Маск доаѓа по големиот успех на филмот „Одисеја“ во режија на Кристофер Нолан, кој пристигна во кината минатиот петок. Во филмот глумат Мет Дејмон како Одисеј и Ен Хатавеј како Пенелопа, а филмот доби претежно позитивни критики од критичарите и публиката и беше силен успех на бокс-офисот.
Основачот на компаниите „СпејсИкс“ и „Тесла“ постојано ги критикуваше изборите на Нолан за улогите во последните месеци. Тој особено го критикуваше изборот на улоги за Лупита Њонго, која ги игра Елена од Троја и Клитемнестра, и трансродовиот актер Елиот Пејџ како Синон. Маск тврдеше дека Нолан донел такви одлуки за да освои награди, велејќи дека режисерот „го изгубил својот интегритет“.
И покрај овие критики, филмот беше комерцијален успех. За време на премиерниот викенд, тој заработи 264 милиони долари на глобалните бокс-офиси, додека доби 97 проценти позитивна оценка на „Ротен томатос“.
Уште во мај, Лупита Њонго одговори на критиките од дел од конзервативната јавност, нагласувајќи дека глумечката екипа го одразува реалниот свет и дека не гледа смисла во оправдувањето на своите улоги бидејќи критиките ќе постојат без оглед на нејзините одговори.
Кристофер Нолан, исто така, се осврна на контроверзноста околу филмот, велејќи дека дискусиите што се водат пред публиката да го види филмот се претежно бесмислени бидејќи никој од учесниците всушност сè уште не знае каков е филмот.
Режисерот, исто така, коментираше за зголемената улога на вештачката интелигенција во филмската индустрија. Тој ги отфрли тврдењата дека вештачката интелигенција би можела да ја замени човековата креативност, нарекувајќи ја таквата идеја бесмислена. Тој додаде дека верува оти ова е технологија што е силно поддржана од инвеститорите и технолошките компании, додека, според него, публиката продолжува во голема мера да ја отфрла, пренесува Н1 Хрватска.












