Во Тирана вечерва повторно се одржа антивладин протест. Како и претходните денови, граѓани и студенти се собраа пред Министерството за образование, по што се упатија кон зградата на Владата, каде што повторно побараа оставка од премиерот Еди Рама.
Поради дождот и студеното време, демонстрантите поставија шатори пред зградата на Владата. Собирот се одвива мирно, а повремено се фрлаат и петарди, пренесува „Њузмакс Балканс“.
Пред кабинетот на премиерот се слушаа извици „Долу диктатурата“ и „Оставка“, како и пароли упатени против полицијата.
За разлика од вчерашниот протест – кога полицајците беа гаѓани со камења и молотови коктели, што доведе до неколку апсења – вечерва немаше никакви инциденти. Од безбедносни причини, полицијата го запре сообраќајот во тој дел од градот.










