Почина Илија Пенушлиски, еден од најреномираните македонски сликари. Имаше 79 години.
Веста ја соопшти неговиот син Илија Митрев-Пенушлиски во објава на социјалните мрежи.
„Татко ми почина вчера. Живееше без преправање, без оклоп, непропустлив за бучавата на времето. Живееше со длабок хуманизам, незаситна љубопитност, желба за живот и непоколеблива луцидност и присутност. Немаше никаква приврзаност кон нештата – само кон идеите, креацијата и луѓето. Беше исклучителен уметник, познат на многумина, но рамнодушен кон тоа да биде познат. Неговите идоли беа уметници, каубои, пијаници и Хозе Мухика“, вели Митрев-Пенушлиски.
Илија е син на Кирил Пенушлиски, истакнат македонски фолклорист роден во Солун, а беше сопруг на Илинка Митрева, поранешната министерка за надворешни работи и пратеничка од редовите на СДСМ, која почина на 31 јули 2022.
Роден е во Скопје 1947. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1971 година. Во 1972/73 бил на постдипломски студии на Прат институтот во Њујорк и има бројни самостојни изложби во земјава и во странство.












