„Секој град, се вели, има свои знаменитости. Гевгелија“, ќе каже на почетокот на своето излагање пред сограѓаните, поетот Кирил Кангов, „во своето блиско минато имаше своја жива знаменитост, свој жив имиџ. Го имаше Илија Џаџев. Самиот Џаџев“, продолжи Кангов, „за себе ќе каже дека е роден меѓу двете светски војни, во гратче меѓу три легендарни планини, една река и едно езеро, близу еден залив на Медитеранот. Во својот живот, низ планетата Земја, со својата хавајска гитара ќе помине околу 40 милиони километри, а тоа е исто како да ја обиколил Земјината топка 80 пати…
Здружението на пензионери од Гевгелија организираше настан со кој ја одбележа 100-годишнината од раѓањето на Илија Џаџев, последниот македонски трубадур.
Иако годините си минуваат, како што минувала и реката Вардар сите овие години, крај некогашната Гортинија, денес Гевгелија, сѐ уште се живи спомените за него. Човекот со „хавајка“ во рацете и романтика во душата.
„Секој град, се вели, има свои знаменитости. Гевгелија“, ќе каже на почетокот на своето излагање пред сограѓаните, поетот Кирил Кангов, „во своето блиско минато имаше своја жива знаменитост, свој жив имиџ. Го имаше Илија Џаџев. Самиот Џаџев“, продолжи Кангов, „за себе ќе каже дека е роден меѓу двете светски војни, во гратче меѓу три легендарни планини, една река и едно езеро, близу еден залив на Медитеранот. Во својот живот, низ планетата Земја, со својата хавајска гитара ќе помине околу 40 милиони километри, а тоа е исто како да ја обиколил Земјината топка 80 пати.“

А, што велат биографските податоци за Илија Џаџев? Роден во Гевгелија во 1926, каде што го завршува основното образование, а гимназија и Филозофски факултет во Скопје. Кога имал 14 години, татко му му купува гитара од Виена, за да потоа се префрли на гитара. Бил професор по географија, најнапред во 1956 година, во Училиштето за кадри „Ристо Поп Ристов“, за да од 1976, па сè до пензионирањето, да предава во гимназијата „Јосиф Јосифовски“.
„Но, животот на Џаџев е повеќе од прост збир на години и настани. Тој е несекојдневна личност, со широка душа и немирен дух, преполн со интересни идеи за творење и преобразување. Првата хавајска гитара ја купува од странец, кој летувал на Јадран. Ја чувал неколку месеци закачена на ѕид, дома како сувенир, за да во 1975 година замине во Париз, па со неа ќе музицира во едно кабаре на Монмартр, кој го држел гевгеличанец. Откако се враќа во Гевгелија, го „пече“ свирењето на гитара во воз, на релација Гевгелија, Скопје, Белград, Загреб, Љубљана. Соработува со реномираниот оркестар на Саша Субота, од Белград, како и со популарниот ансамбл за мексиканска музика ’Мањифико’, на неколку избори за Мис на тогашна Југославија. Долги години е учесник на Струшките вечери на поезијата како придружник на познатите светски поети. Има издадено 19 збирки на поезија, а добитник е на наградата ’7 Ноември’ на општина Гевгелија“, го заврши своето излагање Кирил Кангов, кој воедно беше и сценарист на ова несекојдневно доживување.
Во продолжение на одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на уметникот кој знаеше да ја претвори секоја нота во емоција, секој настап во празник, со свои песни за Џаџев, како и со песни на реномирани македонски поети за Илија, настапија членките на поетскиот клуб на Здружението на пензионери од Гевгелија, Нада Петкова, Соња Мимиева и Драга Дагалева. Кирил Кангов, пак, ја прочита својата поема создадена за професорот со „хавајката“, со наслов „За македонскиот хаваист од 20 век“.

Постарите гевгеличани кои беа присутни на ова одбележување, особено неговите пријатели, можат со денови да ви кажуваат интересни епизоди, слики и случки поврзани со Џаџев. Ќе ви кажат за неговите повеќе од 6.000 бесплатни, хуманитарни концерти на својата хавајска гитара, во детски градинки, рударски окна, железнички станици, гранични караули, касарни, студентски и пензионерски домови, затвори, плоштадите низ светските градови, под пирамидите во Сахара. Ќе ви кажуваат за неговата колекција на чевли и велосипеди. За серенадите и за романтичниот живот во пополноќните часови во некогашна Гевгелија. За швајцарската точност во одење на бербер во закажаниот термин. Музичката инспирација за создавање на своите композиции, вкупно 15, многу луѓе кажувале дека е необична. Но, малкумина го знаат фактот дека Џаџев, две години по ослободувањето, во 1947 година, заедно со подоцна познатиот композитор на современа музика, Тома Прошев, конкурираат да се запишат на Музичката академија во Загреб. Двајцата биле примени, но немирниот дух на Џаџев му вели дека тој е создаден за нешто друго, за нешто што ќе му овозможи со својата „хавајка“ да патува низ светот. Шест месеци неговиот индекс го чекал на Академијата, но тој никогаш не седна во неговите клупи. Којзнае, судбина било или не, Гевгелија можеби загубила фантастичен композитор, но затоа добива човек, поет, виртуоз на хавајска гитара, хуманист, кој со истата таа гитара ќе одржи повеќе од 6.000 хуманитарни концерти.
Вечерта посветена на 100-годишнината од неговото раѓање заврши со проекција на документарниот филм „99“, на тогаш младиот Столе Попов, кој бил негова дипломска работа на Факултетот за филмска уметност во Белград, за која подоцна Попов ќе добие и награди на фестивали.
Тоа беше ТОЈ, Илија Џаџев, поет, виртуоз на хавајска гитара, хуманист, љубопитник, со свој карактеристичен, филозофски поглед на светот. Зашто тој самиот за себе во една пригода ќе каже дека одамна ги има фрлено своите години во една канта за ѓубре кај Санта Моника, близу Великиот Океан, и дека живее во време без години. (Љ. А.)












