Италијанската премиерка Џорџa Мелони денес изјави дека не се кае што се обидува да воспостави блиски односи со американскиот претседател Доналд Трамп, и покрај неговите неодамнешни навреди на социјалните мрежи.
„Не, апсолутно не се каам за ништо што сум направила“, рече Мелони во Анкара, на крајот од самитот на НАТО на кој присуствуваше Трамп, објави „Ројтерс“.
Мелони рече дека нема директно да одговори на изјавите на Трамп.
Таа, исто така, рече дека Италија ќе ги почитува обврските на НАТО во врска со трошоците за одбрана, но дека ќе одлучи за роковите и начинот на нивно спроведување, давајќи приоритет на италијанската одбранбена индустрија.
Порано денес, во разговор со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на самитот на Алијансата во Анкара, Трамп рече дека Италија „се справила многу лошо“ во врска со одлуките за користење на своите воени бази, алудирајќи на одлуката на Рим во март да не им дозволи на американските бомбардери да ја користат воздухопловната база Сигонела на Сицилија за време на конфликтот со Иран.
Според италијанските медиуми, одлуката на италијанската влада да го отфрли барањето на САД за користење на воздухопловната база Сигонела за време на конфликтот со Иран доведе до, како што истакнуваат медиумите, „заладување“ на односите меѓу Трамп и италијанската премиерка Џорџија Мелони, која претходно се сметаше за еден од неговите најблиски европски сојузници.
Американскиот претседател во последните месеци постојано ја критикуваше Мелони за ставот на Италија за време на конфликтот со Иран.
Вчера тој рече дека „му се допаѓа“ италијанската премиерка и ја смета за „добра личност“, но повтори дека таа не била на страната на САД за време на војната со Иран.












