Поедноставување на финансиското известување, намалување на административните обврски и трошоците за малите и микро претпријатијата, без притоа да се загрози квалитетот и транспарентноста на финансиските информации. Ова се клучните цели на иницијативата што ја отвори Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) на тркалезната маса по повод Меѓународниот ден на сметководството.
Според актуелните статистички податоци и важечките критериуми за класификација на компаниите, околу 80 проценти од фирмите во Македонија се мали и микро претпријатија. Токму затоа од ИСОС сметаат дека е неопходно нивните обврски да се приспособат на реалниот обем и сложеност на нивното работење, наместо да бидат изложени на истиот систем на финансиско известување како големите компании.
– Малите и микро фирми се едно од јадрата на нашата економија и не треба да ги третираме во ист систем со големите компании, кои имаат сосема поинакви потреби и развиени внатрешни сметководствени системи. Целта е да им се намали административниот товар и да им се остави повеќе простор за раст и развој на бизнисот – истакна Весна Прентоска, претседателка на ИСОС.
Таа појаснува дека поедноставувањето не значи намалување на квалитетот на финансиското известување, туку поефикасно користење на ресурсите. Таа смета дека со помалку рутински административни задачи, сметководителите ќе можат повеќе да се посветат на финансиски анализи, советување и поддршка при донесувањето деловни одлуки.
Разликата во обврските, според Прентоска, треба да произлегува од реалните потреби на компаниите. Големите претпријатија имаат поголема комплексност и потреба од пошироко финансиско известување, додека малите фирми имаат помал обем на работење и не треба да го носат истиот товар.
Дополнителен предизвик за сметководствената професија е дигитализацијата и сè поголемата примена на вештачката интелигенција. Прентоска вели дека за да можат сметководителите да ги користат современите алатки, неопходна е подготвеност и поддршка и од самите компании, особено од малите и микро фирми кои најчесто користат надворешни сметководствени услуги.
На тркалезната маса ИСОС предложи формирање заедничка стручна работна група со институциите и бизнис-заедницата, која ќе ги разгледа критериумите за големината на фирмите и обемот на финансиските извештаи. Меѓу предлозите е и посебен, поедноставен национален сметководствен стандард за микро претпријатијата, додека за малите и средните се предвидува примена на меѓународниот стандард МСФИ за МСП.
– Целта на иницијативата е помалку административен товар, повеќе користење на суштинските анализи и економските податоци што ги добиваат компаниите од сметководството, како и пониски трошоци – нагласи Прентоска.
ИСОС најави дека врз основа на дискусијата ќе подготви предлог-заклучоци и насоки, кои ќе бидат доставени до надлежните институции и засегнатите страни за понатамошно усогласување и утврдување конкретни решенија.
(С.Бл.)












