Големиот талент од редовите на најтрофејниот српски клуб, Црвена звезда, Матеј Гаштаров, одлучи да игра за репрезентацијата на Македонија и во сениорска конкуренција, иако Фудбалскиот сојуз на Србија се обидуваше на секаков можен начин да го убеди да го облече дресот на „орлите“.
Гаштаров доби повик од селекторот Гоце Седлоски за претстојните натпревари од Лигата на нациите, против Швајцарија, Словенија и Шкотска, и со тоа беше потврдено дека ја донел конечната одлука кога е неговата репрезентативна иднина во прашање.
Фудбалерот од средниот ред, кој привлече внимание со своите одлични настапи за Црвена звезда и кого многумина го сметаат за еден од најголемите проекти на младинската академија на белградскиот клуб, претходно беше на радарот на Фудбалскиот сојуз на Србија.
Сето она што се случуваше околу него со големо внимание беше следено и од медиумите од поранешна Југославија. Босанскиот портал „СпортСпорт.ба“ објави текст во кој дури и навивачите на Србија ја поздравуваат одлуката на Гаштаров да игра за Македонија. „СпортСпорт.ба“ потсетува дека директорот на ФСС, Ранко Стојиќ, неодамна изјавил дека асоцијацијата ќе направи сè за Гаштаров да игра за Србија, но на крајот ништо не произлегло од тоа.
– Самиот фудбалер потврди преку социјалните мрежи дека е на списокот на репрезентацијата на земјата во која е роден, што дополнително ги отстрани сите сомнежи.
Овој исход не е големо изненадување, бидејќи Гаштаров ги помина сите јуниорски репрезентации на Македонија. Тој беше еден од најдобрите играчи на младинската репрезентација и редовно се појавуваше за репрезентацијата додека играше за младинската екипа на Црвена звезда, а подоцна и во текот на својата епизода во Борац од во Чачак.
Во Србија не се премногу изненадени, веруваат дека момчето донело разумна одлука, па еве што велат нивните навивачи по објавата дека бисерот на Црвена звезда, сепак, ќе ги брани боите на Македонија – пишува „СпортСпорт.ба“ и објавува дел од коментарите во врска со одлуката на Гаштаров да го облече црвено-жолтиот дрес.
„Класичен дилетантизам во ФСС. Вистинското скаутирање требаше да се направи многу порано, а не сега, кога одигра момчето неколку добри натпревари. Класичен пример за недостиг на систем за следење на младите таленти“.
„Македонец роден во Македонија, израснат во Македонија, играл за младинските тимови и решил да игра за својата земја? Едноставно не разбирам кој мислел дека е добра идеја“.
„Момчето избра за кого ќе игра, и тоа е тоа“.
„Штета, тој е добар играч“.
„Не беше ни реално за него само да се согласи. Секој нека си оди по својот пат“.
„Секако дека ќе ја избере својата земја. Браво за Гаштаров, Македонија ќе има уште една ѕвезда“.
„Никој порано не го забележуваше во младинските тимови, а сега одеднаш сакаат да игра за Србија“.
„И треба да игра за својата земја. Браво, момче!“












