четврток, септември 10, 2026
Дома СВЕТ Хутите зазедоа клучна пристанишна област, расте заканата за глобалните енергетски текови

Хутите зазедоа клучна пристанишна област, расте заканата за глобалните енергетски текови

0

Хутите, поддржани од Иран, го зазедоа јеменскиот пристанишен град Моха, дополнително зајакнувајќи ја својата позиција во близина на стратешки важниот теснец „Баб ел-Мандеб “ и зголемувајќи ја заканата за глобалните енергетски текови, изјавија за „Ројтерс“ четири воени извори од јеменската влада.

Со заземањето на Моха, Хутите добија дополнително влијание врз Баб ел-Мандеб, јужниот излез од Црвеното Море и една од најважните поморски рути во светот. Според истите извори, Хутите истовремено вршат напади врз стратешки важните острови Ханиш.

Развојот на ситуацијата е особено значаен бидејќи Саудиска Арабија, најголемиот светски извозник на нафта, сè повеќе се потпира на транспортот преку Црвеното Море откако војната со Иран практично го затвори теснецот Хормуз, низ кој пред конфликтот минуваше приближно една петтина од светските залихи на нафта.

Цената на нафтата од типот „Брент“ во четвртокот остана над 100 долари за барел, бидејќи поморските рути низ теснецот Хормуз и Црвеното Море претрпеа сериозни прекини.

Битката за Баб ел-Мандеб

Силите на меѓународно признатата влада на Јемен и нивните сојузници се движат понатаму кон југ долж брегот на Црвеното Море, кон Дубаб, кој се наоѓа непосредно до Баб ел-Мандеб, спроти островот Перим, изјавија воени извори за Ројтерс. Контролата врз Дубаб и Перим е клучна за контрола на самиот теснец.

Баб ел-Мандеб, чие име значи „Порта на солзите“, се наоѓа меѓу Јемен на Арапскиот Полуостров и Џибути и Еритреја на африканскиот брег.

Низ него минуваат нафта и гориво од земјите од Заливот кон Средоземното Море, преку Суецкиот канал или нафтоводот Суец-Медитеран во Египет. Истовремено, тој претставува важна рута за стоки што се транспортираат кон Азија, вклучително и руска нафта.

Затоа, натамошното зацврстување на контролата на Хутите во оваа област би можело да има последици што далеку ги надминуваат границите на Јемен.

Конфликтот се прелева во Саудиска Арабија

Хутите се вклучија во тековната војна со Иран преку нападот врз Израел на 28 март. По период на релативно ограничени активности, во јули тие прогласија поморска блокада на Саудиска Арабија, а во текот на септември ги интензивираа нападите врз јужниот дел на кралството.

Саудиската служба за цивилна заштита во четвртокот по четврти пат во рок од 24 часа издаде предупредување за градот Хамис Мушаит поради нападите на Хутите.

Во меѓувреме, Пакистан му пренесе на Иран предупредување од Саудиска Арабија да ги заузда своите сојузници во Јемен за да се спречи понатамошна ескалација, изјавија за Ројтерс извори од Саудиска Арабија, Пакистан и Иран.

Висок ирански функционер потврди дека пораката е пренесена до Техеран, но изјави дека одговорот на Иран бил оти „Иран не ги контролира Хутите“.

Две клучни поморски рути под притисок

Ескалацијата во Јемен се случува истовремено со новите конфликти меѓу САД и Иран во Заливот.

Иран соопшти дека во средата нападнал десет брода во Ормускиот теснец, откако САД потопиле пет ирански танкери за нафта.

Вашингтон во последните недели тврди дека постигнува напредок во обезбедувањето премин на танкерите низ Ормуз. Сепак, според прелиминарните податоци за следење на бродовите, во средата низ теснецот поминале само седум пловни објекти, што е половина од десетдневниот просек.

Најновиот напредок на Хутите во Јемен со тоа го зголемува притисокот врз уште една клучна рута за транспорт на енергенси од регионот – Црвеното Море и теснецот Баб ел-Мандеб.

ИЗДВОЕНИ