Пет тажни години без неа!
Самата за себе си го поставуваше прашањето: „Марина, дали ќе продолжиш да живееш или ќе си пукаш куршум во главата? По многу големи дилеми, имав неверојатна среќа што го одбрав животот!“
Марина Туцаковиќ и понатаму важи за една од најдобрите и најпопуларните, но и најслушаните хитмејкери од поранешната Југославија. Овој септември се навршуваат пет тажни години од нејзината смрт. Долго време се бореше со ракот, а потоа замина од последиците на короната. Почина во родниот Белград. Таа беше толку многу успешен текстописец што пејачите се „тепаа“ кој прв да дојде до нејзините стихови за да има нејзина песна на својот репертоар. Сигурно се сеќавате и на оној мегахит „Додирни ми колена“, песна која Марина ја напиша за групата „Зана“, а која потоа стана и една од најслушаните во Франција на француска јазик. Тогаш и легендарната Тереза Кесовија маестрално ја испеа и сними плоча во Париз со таа песна, но со сменет наслов, како „Danse avant de dormer” (Танцувај пред да заспиеш).
Нејзините хитови, за кои ниту еден пејач не жалеше „дебело“ да плати, ги пееја: Светлана Цеца Ражнатовиќ, Жељко Самарџиќ, Ана Бекута, Аца Лукас, Здравко Чолиќ, Џеј Рамадановски, Жељко Јоксимовиќ, Оливер Драгојевиќ, Маја Оџаклиевска, Јелена Карлеуша, Мишо Ковач, Јасмин Ставрос, Лепа Брена, Неда Украден, Ана Николиќ, Оливер Мандиќ и многу, многу други. Марина има напишано преку 4.000 песни иако се претпоставува дека имаше многу повеќе. Меѓу нив и оној голем хит „Зора је сванула“. Од толку голем број песни, само една од нив имаше посебно емотивно значење лично за Марина. Тоа е песната „Мишо мој“.
Ја напиша за својот прерано починат син, Милош (нагалено Миша). Песната ја испеа познатата поп-пејачка, Ана Николиќ.
– Песната ја пишував со прекини во најболниот период од животот, кога трагично го загубив синот. Долго размислував кој може да ја пренесе оваа емоција до публиката, па изборот падна на Ана Николиќ, изјави тогаш ожалената Марина. Синот Миша почина во нивната семејна куќа во Белград. Имаше само 24 години. Обдукцијата која е потоа направена вели дека смртта настапила поради прекумерната доза на „белиот прав“. Во тоа тажно време, Марина самата за себе си го поставуваше прашањето: „Марина дали ќе продолжиш да живееш или ќе си пукаш куршум во главата? По многу големи дилеми, имав неверојатна среќа што го одбрав животот, колку и да ми беше тежок секој ден без мојот син Милош“. (Д. М.)












