Светското првенство секогаш носи големи приказни, но ретко која е толку емотивна како онаа на голманот на Капе Верде, Возиња. На 40-годишна возраст, тој стана национален херој откако со серија фантастични одбрани ѝ помогна на својата земја да освои историски бод против моќната Шпанија.

Но, по последниот судиски свиреж, вниманието не беше насочено само кон неговите блескави интервенции. Камерите го уловија како плаче на теренот, а причината ги трогна љубителите на фудбалот во светот.

  • Плачев затоа што пораснав со моите баба и дедо, кои повеќе не се со мене. Плачев и затоа што не можеше да дојде мајка ми да ме гледа. Поради визата и трошоците, не успеавме да завршиме сè навреме – откри Возиња.

Неговиот пат до Светското првенство е вистинска животна приказна. Не станал професионален фудбалер сè до својата 25. година, а во еден период сериозно размислувал и да се откаже од спортот.

  • Цел живот работев за овој момент. Имам 40 години и никогаш не престанав да сонувам. Ова признание им припаѓа на моите соиграчи и на мојот народ – порача голманот.

Набргу по неговата исповед, пристигна прекрасна вест. Американските власти ги отстранија административните пречки и неговата мајка, која со години ги следела неговите успеси од скромниот дом на островот Сао Висенте, Ана Кандида Евора, ќе може да отпатува во САД за да го гледа во живо, на следниот натпревар против Уругвај.

Гордата мајка веќе испрати емотивна порака.

  • Реков дека ниедна топка нема да заврши во неговата мрежа, и токму така беше. Тој е одличен голман и неизмерно сум горда на него – изјави таа.

Така, приказната што почна со солзи по историското реми со Шпанија ќе добие среќен крај. Ана Кандида Евора, конечно, ќе може да го прегрне човекот што стана едно од најубавите лица на ова Светско првенство.

Понекогаш најголемата победа не е резултатот на семафорот, туку моментот кога, конечно, ќе ја види еден син својата мајка на трибините.

ИЗДВОЕНИ