Возачот на Мерцедес Кими Антонели продолжува да испишува историја во Формула 1. Италијанскиот суперталент стана првиот тинејџер кој победил на пет последователни трки во најбрзиот циркус на светот, а воедно и најмладиот возач кој триумфирал од пол-позиција на легендарната патека во Монако.
Големата награда на Монако донесе уште една необична и драматична трка. Трката беше прекината во 68. круг поради оштетување на асфалтот, а по паузата следуваше рестарт кој дополнително ја подигна тензијата.
Антонели успеа да го зачува водството и по рестартот, контролирајќи ја трката од почеток до крај. Зад него завршија Луис Хамилтон и Исак Хаџар, кои се искачија на победничкиот пиедестал.
Трката беше особено тешка за неколку водечки тимови. Ферари, Ред Бул и Мекларен останаа со само по еден болид на патеката до самиот финиш, додека голем број возачи не успеаја да ја завршат трката. Карлос Саинц, Шарл Леклер, Ленс Строл, Ландо Норис, Оливер Берман, Валтери Ботас и Макс Верстапен беа меѓу оние кои се повлекоа.
Најголемо разочарување доживеа Мекларен. Тимот ја одбележуваше својата 1000-та трка во Формула 1, но актуелниот светски шампион Ландо Норис мораше предвреме да се откаже поради механички проблеми.
По рестартот видовме и дополнителна драма. Џорџ Расел го мина Исак Хаџар, но потоа направи грешка која создаде хаос во колоната и доведе до инцидент што ја заврши трката за Карлос Саинц. Најмногу профитираа Пјер Гасли и Хаџар, при што младиот Французин успеа да се пробие до третата позиција.
Антонели, пак, не остави простор за изненадувања. Тој го контролираше темпото во текот на целиот викенд и стигна до петта последователна победа, дополнително зацврстувајќи го својот статус како најдоминантен возач во моментот во Формула 1.











