Поранешниот прв човек на Формула 1, Берни Еклстон (95), повторно предизвика бура со своите директни изјави, овој пат упатувајќи жестоки критики кон Луис Хамилтон и тимот на Ферари. Некогашниот „врховен шеф“ на најбрзиот циркус смета дека седумкратниот светски шампион премногу се жали и дека можеби веќе е време да размислува за крај на кариерата.
- Штом ќе седне во болидот, почнува да кука и да се жали за нешто, уште пред да стигне до првата кривина. Без разлика за што станува збор, тој секогаш наоѓа причина за приговор. Веќе е во години кога би требало да почне да размислува за пензионирање, изјави Еклстон за германскиот медиум „РТЛ“.
За разлика од Хамилтон, Еклстон имаше пофални зборови за новиот светски шампион Кими Антонели. Тој го опиша Италијанецот како исклучително талентиран, но предупреди дека сезоната по освојувањето на титулата може да биде особено тешка. На прашањето дали еден ден би можел да вози за Ферари, британскиот ветеран одговори со доза сарказам, велејќи дека за таков потег ќе треба да почека до 50-годишна возраст.
Сепак, најжестоките критики беа резервирани за Ферари. Еклстон смета дека италијанскиот тим имал најдобар болид и можност да ја освои титулата, но повторно потфрлил поради проблеми во организацијата и управувањето.
- Таму има премногу Италијанци. Секој мисли дека знае како да води тим подобро од кој било друг и дека самиот би можел да ја заврши работата подобро, порача Еклстон, кој веќе со години го посочува овој проблем.
Посебно се осврна и на актуелниот шеф на Скудерија, Фред Васер, за кого смета дека е добар човек, но нема доволно авторитет за да води тим од калибарот на Ферари. Според него, на славниот тим му е потребен лидер кој ќе живее за Формула 1 и ќе размислува за Ферари во секој момент од денот.
Како можно решение, Еклстон го посочи Кристијан Хорнер, поранешниот шеф на Ред Бул, оценувајќи дека тој веќе докажал оти има квалитети за таква позиција. Сепак, додаде дека водењето на Ферари бара посебен пристап и разбирање на специфичната култура на италијанскиот тим.











