Супстанции познати како ендокрини нарушувачи се присутни во производи како што се играчки, шминка, градежни материјали, облека и претставуваат глобална и растечка закана за здравјето на луѓето и животната средина.
Ова го покажува најновиот извештај на Програмата за животна средина на Обединетите нации и Светската здравствена организација (СЗО). Овие супстанции влијаат на ендокриниот систем со имитирање или блокирање на дејството на хормоните, а истражувањата укажуваат на сè појасни врски помеѓу овие супстанции и широк спектар на болести, објави денес „Фигаро“.
Според извештајот, врз основа на 14-годишна студија објавена во вторник вечерта, се проценува дека трошоците за здравје и животната средина поврзани со овие супстанции надминуваат трилион долари годишно. До денес се идентификувани околу илјада ендокрини нарушувачи (ЕД), но експертите истакнуваат дека многу хемикалии не се соодветно проучени и дека нивните ефекти сè уште се непознати.
Анализата, која вклучуваше илјадници студии за супстанции како што се бисфеноли, фталати и парабени, нагласува дека научните докази се јасни, а постојните регулативи поврзани со нивната употреба се недоследни и недоволни.
Анализата покажа дека овие супстанции влијаат на ендокрините нарушувања и проблемите со репродуктивното здравје, како што е намаленото производство на сперма. Во исто време, има сè повеќе докази дека тие влијаат и на дијабетес тип 2 и астма, болести чии случаи нагло се зголемија низ целиот свет. Како што е наведено, доказите во врска со кардиоваскуларните заболувања се уште се во фаза на собирање.
Коавторката на студијата и професорка по науки за животна средина и здравје на Универзитетот во Масачусетс во Амхерст, Лаура Ванденберг, предупреди дека ризикот е голем, бидејќи ендокрините нарушувачи се присутни насекаде и можат да влијаат на здравјето дури и при многу ниски концентрации.
Меѓу најранливите групи се работниците во хемиската индустрија и секторот за рециклирање, особено во земјите со слаби регулативи. Треба да го запреме растот на производството на пластика, да ја намалиме изложеноста на ендокрини нарушувачи и да ги забраниме најопасните, заклучи една од авторките на студијата и професорка на Универзитетот Стенфорд, Трејси Вудраф, пренесе „Танјуг“.












