„Гуш и бац е љубов“ на Школка во Градскиот парк

18

„Гуш и бац е љубов“ е инклузивен настан што ќе се одржи во организација на „Аутизам ААМК“, в недела, на Школка во Градскиот парк. Настанот, кој ќе започне во 11:00 часот, има цел да ја зголеми свесноста за лицата со атипичен развој, како и за нивното прифаќање, почитување и инклузија во општеството.

– Тоа е шести по ред инклузивен настан во наша организација, од 2018 година. Како и претходните така и овој пат, повторно тоа ќе биде една голема игротека со многу разновидни игри, работилници, едукативно, музичко, ликовно катче и со многу други интересни активности. Настанот ќе трае до 14:30 часот и од минатото искуство, и оваа година очекуваме голема посетеност – велат од „Аутизам ААМК“.

Оттаму додаваат дека она што сакаат да докажат и покажат на ваквите дружби е тоа дека и децата со атипичен развој сакаат да играат, да се смеат, сакаат да покажат дека и тие знаат, умеат, дека може да пеат и да танцуваат. Сакаат да бидат поканети на родендени, но и другите деца да доаѓаат на нивните. Но најважното од сè, сакаат да другаруваат, да бидат заедно со другите деца. Сакаат да растат заедно. Впрочем, тоа го сакаме сите, нели?

– Преку игра, да им покажеме на семејствата со деца со типичен развој дека треба да ги надминат своите стравови, кои се резултат само на стравот од непознатото, да дојдат на Школка, да се запознаат со атипичните лица и со нивните семејства, да дознаат за самата состојба или болест, да се обидат да најдат начин на кој би им помогнале – потенцира организаторот.

Притоа, додаваат дека за да биде возможно сето тоа, треба да бидат прифатени овие лица токму онакви какви што се.

– А знаеме дека Школка е местото за тој прв голем чекор, кој понатаму, со заедничко секојдневие, води кон нормално, здраво, инклузивно општество. А децата… децата за разлика од нас, големите, гледаат со срцето и со душата, тие гледаат само деца со некаква различност со кои сакаат да растат и да играат заедно. Да учиме од нив како треба – нагласува организаторот.

ИЗДВОЕНИ