Македонската женска ракометна репрезентација претрпе болен пораз на гостувањето кај Белгија (26:25) во рамки на квалификациите за Европското првенство со што си го искомплицира патото кон пласман на континенталниот собир. Двете селекции ќе играат повторно утре и тоа во Куманово. Нашите ракометарки немаат победа во квалификациите, па прашање е дали и тој домашен триумф би бил доволен за место на ЕП 2026.

Македонија имаше позитива од четири гола на почетокот од второто полувреме , но потоа седум минути не успеа да постигне гол, а Белгијките стигнаа до израмнување. И во последните десетина минути, нашата репрезентација три пати имаше по два гола предност, но и тие не успеа да ги сочува. Белгија првпат поведе во 56. минута, со 25:24, Македонија израмни, по што домаќините пак поведоа, а избраниците на сллекторот Кристијан Грчевски не успеаја да го искористат последниот напад за барем со бод да се вратат дома.

-Тежок натпревар, не се повлековме под притисокот од публиката, но не се справивме ниту со сопствениот притисок знаејќи што значи овој натпревар за нас. Почнавме добро, но имавме некои пропусти во нашата игра, а така го започнавме и второто полувреме. Сето ова се должи на нашата ротација, бидејќи имаме многу повредени играчи и игравме без стандардниот централен бек, кажа по натпреварот Грчевски.

Најдобра кај Белгија беше супериорната Муниа Смитс со 11 гола, пред Неле Антонисен со шест гола, додека кај Македонија, Јована Кипријановска даде седум гола, а Марија Јанкуловска и Ивана Гакидова, заедно со Ангела Јанкуловска погодија по три пати.

ИЗДВОЕНИ