Изградбата на вториот дел од автопатот Скопје – Блаце треба да почне во август, веднаш по изборот на надзорот. Проектот вреден 198,4 милиони евра ќе го реализира домашната компанија „Гранит“, а трасата ќе биде една од најсложените за изградба во земјава. Поради ридско-планинскиот терен ќе се градат пет тунели, девет мостови, 11 надвозници и четири галерии. Според договорот, изградбата треба да трае четири години

Почнува изградбата на уште еден автопат во земјава, шести по ред. Вториот дел од автопатот Скопје – Блаце, во должина од 10,5 километри, ќе претставува сериозен инженерски предизвик за изведувачот, скопски „Гранит“, бидејќи трасата поминува низ ридско-планинскиот масив на Скопска Црна Гора. Проектот предвидува изградба на пет двоцевни тунели, девет мостови, 11 надвозници, четири галерии и девет потпорни ѕидови, а неговата вкупна вредност изнесува 198,4 милиони евра.
Договорот за инвестициски грант беше потпишан меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Европската банка за обнова и развој, при што 30,8 милиони евра се обезбедени како грант преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), а преостанатите 167,6 милиони евра се заем.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека по повеќе од две децении најави, проектот конечно влегува во фаза на реализација и порача дека Владата ќе биде препознаена по реализација на капитални инфраструктурни проекти.
– Оваа Влада ќе биде запаметена по проекти. По две децении најава, наскоро започнува изградбата на автопатот Скопје – Блаце. Очекувам на целата територија на државата во исто време да се реализираат шест автопатски делници, што ќе претставува голема додадена вредност за македонската економија и ќе го поттикне економскиот развој – изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека за разлика од минатото, кога проектот останувал само предизборно ветување, сега се обезбедени финансиските средства, потпишани се договорите и избран е изведувачот.
– Наместо нови ветувања, денес имаме обезбедени средства, потпишани договори, избран изведувач и почната реализација. Очекувам веднаш по изборот на надзорот, веќе овој или следниот месец, да почнат и теренските активности – рече премиерот.
Покрај оваа, која треба да го поврзе Скопје со границата со Косово, односно Блаце, тука се и делницата што треба да ги поврзе и Тетово и Гостивар, потоа Гостивар со местото Букојчани, а при крај е и делот од автопатот Кичево – Охрид, во фаза на изградба е Прилеп – Битола, и наскоро ќе биде завршена и процедурата за пробивање на трасата која треба да го поврзе Букојчани со Кичево.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, истакна дека автопатот Скопје – Блаце има стратешко значење бидејќи е дел од трансевропската маршрута 6, која ќе ги поврзе Скопје и Приштина, а понатаму и со Тирана и со пристаништата во Драч и во Бар.
– Без разлика што немаме излез на море, на овој начин државата може да стане стратешки најважна точка на Балканот, преку која ќе се вкрстуваат бизнисот, трговијата, туризмот и економската размена. Токму реализацијата на овој проект е конкретна поддршка на таа визија – нагласи Николоски.
Тој додаде дека рокот за изградба е четири години, но изрази очекување проектот да биде завршен и пред предвидениот рок, нагласувајќи дека изборот на домашната компанија „Гранит“ покажува дека македонските градежни компании имаат капацитет да реализираат големи инфраструктурни зафати.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, најави дека градежните работи треба да започнат во август, веднаш по изборот на надзорот.
– Теренот е ридско-планински и е дел од масивот Скопска Црна Гора. Ова е исклучително тежок терен за градба. Затоа проектот предвидува изградба на пет двоцевни тунели со вкупна должина од околу пет километри, девет мостови во должина од 2,5 километри, 11 надвозници, четири галерии и девет потпорни ѕидови за стабилизација на наклонот – изјави Трајановски.
Тој посочи дека изведувачот и консултантот се веќе избрани, додека постапката за избор на надзор е во завршна фаза. Според договорот, изградбата треба да трае околу четири години.
Со новите 10,5 километри, заедно со веќе изградените 1,5 километри, автопатот од клучката Стенковец до граничниот премин Блаце ќе има вкупна должина од 12 километри. Проектот е дел од пошироките напори за модернизација на патната инфраструктура и подобрување на регионалната поврзаност на земјата.
(С. Бл.) – Фото: П. Стојановски












