Кредитната активност во август порасна за 13,6 % на годишно ниво, при што растот е забележан и кај компаниите и кај домаќинствата. Најголем годишен раст кај корпоративното кредитирање има од 15,1 %, додека станбените кредити се зголемиле за 16,2 %. Во исто време, депозитите во банкарскиот систем се повисоки за 9 % на годишно ниво, а паричната маса М3 бележи раст од 8,2 %

Најновите податоци на Народна банка покажуваат дека во август продолжила позитивната динамика кај кредитирањето, со двоцифрен годишен раст и кај компаниите и кај домаќинствата, додека депозитната база исто така продолжува да се зголемува.
Од банката информираат дека кредитната активност во август продолжи да расте, при што на годишно ниво достигна 13,6 %. Раст има и кај компаниите и кај домаќинствата, додека депозитите во банкарскиот систем се зголемиле за 9 % на годишно ниво. Продолжува да расте и кредитирањето на македонскиот банкарски систем. Во август кредитната активност е зголемена за 0,7 % во однос на јули, додека на годишно ниво растот достигнува 13,6 %.
Раст е забележан и кај домаќинствата и кај корпоративниот сектор. Домаќинствата имаат поголем придонес во месечниот раст, додека компаниите имаат поголем придонес во годишната динамика. Кредитите кон претпријатијата во август се зголемиле за 0,6 % на месечно ниво, а нивниот годишен раст достигнал 15,1 %. Од Народната банка информираат дека целокупното зголемување на кредитирањето на корпоративниот сектор е резултат на кредитите одобрени во домашна валута.
Кај населението, кредитите во август се зголемиле за 0,7 % на месечно и за 12,3 % на годишно ниво. Растот главно произлегува од кредитите одобрени во денари. Зголемување е регистрирано и кај потрошувачките и кај станбените кредити. Потрошувачките кредити на годишно ниво се повисоки за 12,2 %, додека станбените кредити бележат уште повисок годишен раст од 16,2 %.
Во исто време, депозитите во банкарскиот систем во август се зголемиле за 1,6 % на месечно ниво, главно како резултат на растот кај корпоративниот сектор. На годишно ниво, вкупните депозити се повисоки за 9 %. Депозитите на компаниите во август се зголемиле за 6,2 % на месечно и за 6,1 % на годишно ниво. Кај населението, пак, е регистриран месечен пад од 0,4 %, но на годишно ниво депозитите на домаќинствата се повисоки за 10,2 %. Орочените депозити на населението во август пораснале за 0,6 % во однос на јули, додека на годишно ниво растот изнесува 5,8 %. Најголем придонес имаат долгорочно орочените депозити.
Раст бележи и паричната маса. Монетарниот агрегат М3 во август се зголемил за 1,3 % на месечно ниво, додека на годишна основа растот изнесува 8,2 % Според Народната банка, годишната динамика продолжува да забавува, иако сите компоненти на паричната маса бележат раст.
(С.Бл.)












