Претседател на Управниот одбор и генерален директор на ЖРСМ Транспорт, Дејан Кошутиќ, очекува надлежните институции, вклучително и Јавното обвинителство, детално да ги разгледаат наодите од ревизорскиот извештај за работењето на компанијата во 2024 година и да преземат соодветни мерки за утврдување евентуална одговорност.
Во реакцијата објавена на социјалните мрежи, Кошутиќ посочува дека Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија содржи сериозни наоди кои бараат институционално постапување, отчет и почитување на законите. Тој оценува дека утврдувањето на одговорноста е неопходно за враќање на довербата во железничкиот систем и воспоставување на владеење на правото.
– Очекувам надлежните државни институции, вклучително и Јавното обвинителство, со должно внимание и сериозност да ги разгледаат наодите и препораките и, во рамките на своите законски надлежности, да преземат соодветни активности за утврдување на евентуалните одговорности – наведува Кошутиќ.
Истовремено, директорот нагласува дека е неопходно актуелниот менаџмент да се фокусира на стабилизација на работењето, финансиска консолидација, обнова на возниот парк и спроведување на реформите за модернизација на македонската железница. Според Кошутиќ, наследените проблеми мора да добијат институционална разрешница, но иднината на компанијата треба да се гради преку работа, реформи и конкретни резултати.
Реакцијата следува по ревизорскиот извештај објавен на 3 ноември 2026 година, во кој ДЗР изрази неповолно мислење за финансиските извештаи и усогласеноста на работењето со законите. Ревизорите констатирале финансиска нестабилност, недостатоци во управувањето и сериозна состојба со возниот парк во текот на 2024 година.












