Дел од луѓето што денеска протестираа пред УЈП тврдат дека добиле решенија за оданочување и по пет години, без претходно да бидат информирани за обврските, додека други велат дека институциите даваат контрадикторни насоки. Револтот е најизразен кај студентите и работниците во странство, кои предупредуваат дека се соочуваат со високи финансиски обврски што не можат лесно да ги намират. Од УЈП, пак, велат дека станува збор за системска корекција и примена на закон кој постоел со години, а не за нов данок. Институцијата уверува дека процесот ќе се одвива постепено, со можност за доброволно усогласување и плаќање на рати.

Со свирежи, транспаренти и развиени македонски знамиња, студенти и граѓани кои работеле во странство, денеска, протестираа пред централата на Управата за јавни приходи (УЈП) во Скопје, револтирани од решенијата што ги добиле на домашните адреси, а со кои им се наложува дополнително да платат данок за веќе остварени приходи. Дел од нив изјавија дека известувањата ги добиле по неколку години од враќањето во земјата, а најголемиот проблем, според нив, е недостигот на јасни информации од институцијата.
– Јас сум студент, работев во Германија во 2024 година. Пред неколку недели ми стигна писмо дека треба да платам данок на средства што таму ми беа вратени. Кога побарав објаснување – немаше транспарентност. Еден службеник ми кажува едно, друг друго. Ми рекоа дека ако не ги пријавам платните листи, ќе ме оданочат врз основа на платениот данок кој ќе го помножат по десет, што беше некоректно, непрофесионално и безобразно – истакна еден од студентите.
Тој додава дека многу млади луѓе поради тоа се ставени во тешка финансиска состојба.
– Ако некој заработил 18 илјади евра за три години и ги потрошил за студии и за други потреби за живот, сега треба да плати 1.800 евра данок. Тоа се огромни пари. Луѓето ги немаат. Не е фер, не е праведно затоа што не сме биле информирани навреме – посочува студентот, додавајќи дека дел од граѓаните ќе бидат принудени да размислуваат за кредити за да ги намират обврските.

На протестот им се придружија и граѓани кои работеле во странски мисии во Авганистан и Ирак, меѓу кои и претставник од Куманово.
– Пет месеци протестираме и бараме одговори. Како е можно институцијата да молчи пет години, а потоа одеднаш да побара данок за 2020 година? Имаме случај каде што на колега прво му е кажано дека нема долг, а по три дена добива решение да плати 4.000 евра – вели тој.
Според него, дополнителен проблем е што институцијата не ги признава доставените документи.
– Нашата фирма од Ирак има платено данок за нас – за мене 12.800 евра за три години. Тоа е официјален документ, а од директорката на УЈП ни беше кажано дека е фалсификат. Тоа е недозволиво – додава тој, најавувајќи дека дел од случаите веќе се оспорени пред Управниот суд.
Од Управата за јавни приходи, пак, се со поинакво образложение. Директорката Елена Петрова вели дека не се воведува нова давачка, туку се применува постојната законска обврска која важи со години.
– Обврската за пријавување доход од странство континуирано постои. Она што се менува е начинот на обработка на податоците. Податоците од банките сега системски се анализираат и се вкрстуваат, нешто што претходно не било правено – изјави Петрова.

Според неа, токму оваа „системска празнина“ довела до сегашната состојба.
– Во изминатиот период, податоците постоеле, но не биле искористени за оданочување. Како институција, имаме обврска да обезбедиме правично и законито оданочување – додава таа.
Петрова нагласи дека системот се базира на самооданочување, што значи дека граѓаните имаат обврска сами да ги пријавуваат приходите, особено кога станува збор за средства од странство.
УЈП веќе почнала конкретни постапки. За 257 лица кои работеле во Авганистан и Ирак е побарана проверка преку Министерството за надворешни работи, откако тие тврделе дека платиле данок во странство.
– Досега имаме одговор само за едно лице и тој е негативен – нема потврда дека таму е платен данок – вели Петрова.
Во однос на студентите, институцијата идентификувала 134 млади лица кои работеле во странство и имаат непријавени приходи.
– Со нив се организирани директни средби за појаснување на обврските и можностите за плаќање, вклучително и на рати – додава директорката.
Податоците на УЈП покажуваат дека само во 2025 година, 70.869 граѓани примиле приливи од странство во вкупен износ од 577 милиони евра. За дел од нив, веќе се испратени известувања. За 2020 година, пак, биле испратени 11.527 известувања, по што 2.276 лица доброволно пријавиле доход, а за 3.637 лица е утврдена обврска по службена должност. Вкупно утврдениот данок изнесува 171,6 милиони денари, од кои досега се наплатени 30,4 милиони.
Од УЈП нагласуваат дека нема двојно оданочување доколку граѓаните достават доказ дека данокот е веќе платен во странство.
– Ако е платен данок во друга држава, тој се признава. Но, мора да постои официјален доказ. Во спротивно, обврската останува – вели Петрова.
Таа додава дека пристапот на институцијата не е репресивен.
– Не почнавме со казни. Прво испраќаме известувања, организираме средби и даваме можност за доброволно усогласување. Целта не е казнување, туку еднаков третман за сите граѓани – посочува директорката и најавува дека граѓаните бараат повлекување или ревидирање на решенијата, а од УЈП најавуваат дека контролите ќе продолжат.
(С. Бл.)












