четврток, јуни 4, 2026
Дома СВЕТ Французинка се преселила во САД по обновената романса од пред шест децении...

Французинка се преселила во САД по обновената романса од пред шест децении – завршила во имигрантски притвор

Синот на 86-годишната Мари-Терез бара таа да биде вратена во својата земја

165
screenshot video

Французинката Мари-Терез, на возраст од 86 години, која се преселила во САД лани, откако ја обновила романсата од 1960-тите години, е приведена во центар за спроведување имигранти во Луизијана.

Нејзиниот син од градот Нант, го вклучил алармот откако таа била уапсена во Анистон, Алабама, овој месец, пишува Би-би-си.

– Ѝ ги врзале рацете и нозете со лисици, како да е опасен криминалец, изјавил тој за францускиот медиум „Оуест Франсе“.

Министерството за внатрешна безбедност на САД, кое ги надгледува службите за имиграција и царина (ИЦЕ), изјави за Би-би-си дека „нелегален странец од Франција“ со исто име како Мари-Терез, влегол во земјата во јуни 2025 година, и престојувал подолго од тоа што дозволувала 90-дневната виза. Нејзиниот син, пак, вели дека сепак, Мари-Терез чекала зелена карта кога била приведена.

Мари-Терез се преселила во САД откако се омажила за својата одамна изгубена љубов – Американец по име Били, кого го запознала во 1960-тите години, кога тој бил војник стациониран во базата на НАТО во Сен-Назер, каде што таа била секретарка. Били се вратил во САД во 1966 година по што го изгубиле контактот, се венчале – секој во својата земја – и добиле деца. Повторно се поврзале во 2010 година и се посетувале еден со друг со своите сопружници, објави „Оуест Франсе“. До 2022 година, двајцата биле вдовци и почнале врска. Били бил „шармантен, симпатичен маж“, рекол синот на Мари-Терез, а двајцата биле вљубени „како тинејџери“. Се венчале минатата година, а Мари-Терез се преселила во Алабама и аплицирала за зелена карта. Но, Били ненадејно починал во јануари, кога таа сè уште не ја добила зелената карта, со што нејзиниот имиграциски статус останал нејасен.

Набргу по смртта на Били, неговиот син и Мари-Терез наводно влегле во спор околу неговото наследство. Синот на Били „ѝ се заканувал, ја заплашувал, па дури и отишол дотаму што ѝ ги исклучил водата, интернетот и електричната енергија“, изјавил нејзиниот син. Мари-Терез ангажирала адвокат, но била уапсена од ИЦЕ еден ден пред закажаното рочиште. Соседите ги известиле нејзините деца за  тоа. Нема доказ дека извештајот на синот на Били ја довел во притворскиот центар на ИЦЕ.

Француското министерство за надворешни работи е вклучено во случајот, а Мари-Терез била посетена од конзуларен претставник. Според нејзиниот син, таа е „борец“ и „добро се држи“, но има проблеми со срцето и со грбот.

– Наш приоритет е да ја извадиме од овој притворски центар и да ја репатрираме во Франција. Со оглед на нејзиното здравје, таа нема да издржи ниту еден месец во такви услови на притвор, рече тој и додаде дека ова е како „лош американски филм. Секое утро се будам и си велам дека ништо од тоа не е вистина, дека тоа е само кошмар“.

 

ИЗДВОЕНИ