Секојдневно во нашето живеење, на секој чекор, се среќаваме со луѓе кои се на позиции, функции, кои управуваат со нашата сегашност и ја обликуваат нашата иднина, а за кои велиме дека немаат ниту професионален ниту морален интегритет да бидат таму каде што се. Ваквата состојба во нашето општество, која сè повеќе станува и глобален проблем, особено со последните случувања на светската политичка сцена, е плод и производ на: долгогодишно уривање и разнебитување на моралните и традиционалните вредности; доминација на политиката над сите области на живеењето; корумпираност, која се поддржува и негува почнувајќи од врвот, па сè до најниските позиции, со јасна поделба на „колачот“; фаворизирање на партиската и национална припадност пред знаењето и квалитетот; негување на изопаченоста… Сето ова доведе до разнебитување на државниот и правниот систем, партизираност и некадарност на институциите, бришење на уставната поделба на власта, селективна правда и неказнивост, недопирливост како директна последица на политизираноста и клиентелизмот, кои се длабоко навлезени во правосудството.
Интегритет (доаѓа од латинскиот збор „integritas“) значи потполност, неделивост, беспрекорност, чесност. Кога зборуваме за интегритетот на личноста, најчесто мислиме на чесноста, а особено на она што е во заднината на таквото однесување, на она што го поттикнува таквото однесување. Интегритетот значи дека една личност има безусловна, непоколеблива обврска кон моралните вредности и должности. Имањето интегритет значи да бидеш свесен за својата целовитост како човечко битие и за разновидноста меѓу луѓето.
Интегритетот вклучува чесност, реалност, обѕирност и се однесува на потполноста на една личност, но и на прифаќањето на сите присутни и познати разновидности. Со моралните вредности, интегритетот длабоко во себе ја содржи личната компонента. Интегритетот не е пасивна состојба, интегритетот е активен избор.
Многумина што се сметаат себеси за личност со интегритет ја забораваат токму оваа состојба, сметајќи дека нивната пасивна состојба во која се наоѓаат е доволна, без притоа да влијаат на состојбите околу себе. Интегритетот не е пасивна состојба што, еднаш достигната, останува засекогаш. Интегритетот е активен избор. Интегритетот, пред сè, значи секојдневна борба и работа со самиот себе, тоа е работа на свое градење и развивање на себеси како личност, тоа е секојдневна борба со своите емоции и импулси да не надвладеат над разумот. Една од дефинициите на интегритетот е дека тоа е способност на одржување на достоинството, како личното така и на другите луѓе.
Но, интегритетот, како активен избор, не е само работа на себе и на својата надградба и растење, тоа е и работа во средината во која работи и живее личноста. Тоа е секојдневна борба со неморалот, корумпираноста, некадарноста, глупоста, стереотипите, предрасудите. Не може личноста што затвора очи пред корумпираноста, а самата е чесна, да зборува за својот морален интегритет кога не влијае на состојбите во својата средина. Интегритетот не е молчење, затворање очи, повлекување, пасивно однесување, интегритетот значи дејствување, борба, спротивставување, зборување, гласно и јасно укажување на девијантните состојби.
Интегритетот не е молчење и повлекување пред некадарноста, пред неправдата, пред сето она што го разјадува нашето општество и нас самите како луѓе. Интегритетот е дејствување, спротивставување, сопствено влијание на извртените и ненормални состојби, на однесувањето што отстапува од нормалните, моралните и прифатени стандарди на човештвото.
Интегритетот на една личност не се гради и не може да се изгради преку компромиси, преку мерење и одмерување дали да се прифати помалото од поголемото зло, не се гради и не е интегритет затворање на очите пред неправдата, корупцијата, неморалноста, предрасудите, омаловажувањето заради личен комформитет и сигурност. Не е интегритет кога реагира некој само ако е лично засегнат, а молчи кога му се случува истото на друг.
Многу често луѓето не ги разликуваат моралниот и професионалниот интегритет, поими што се блиски, но знаат на прв поглед да бидат спротивни и збунувачки. Моралниот интегритет е безусловна, непоколеблива обврска кон моралните вредности и должности на една личност. Професионалниот интегритет, пак, значи буквално и целосно почитување на законските прописи, обврските и должностите што произлегуваат од прописите што ги регулираат правата, обврските и должностите на таа професија, максимално и безусловно почитувајќи ги правата и слободите на луѓето.
Често се случува луѓето, јавноста да не ги разликува овие две категории, од кои едната е лична (моралниот интегритет), а другата е законска (професионалниот интегритет) и кои, на прв поглед, не секогаш се исти, еднакви и во склад. Професиите што налагаат буквално почитување на законите, а имаат за последица регулирање, остварување, ограничување и одземање туѓи права и слободи, често имаат расчекор помеѓу моралниот и професионалниот интегритет. Судијата, обвинителот, адвокатот, лекарот често се судираат со оваа дилема, во сите општества и држави, но кај нас во јавноста се толкува површно и навивачки, по малку ступидно. Една работа е ако при имање докази не се подигне обвинение или селективно се применува законот, избегнувајќи да се примени тој на сите подеднакво, фаворизирајќи ги високите функционери, тајкуните, бизнис-елитата. Сосема друг случај е кога јавниот обвинител или судијата лично, како луѓе, има едно мислење за обвинетиот, но законот или обезбедените докази не му даваат можност да постапи според своите морални ставови, туку мора да го примени својот професионален интегритет и да суди според законот.
Адвокатите, при вршењето на својата функција, не го оправдуваат ниту сторителот на кривичното дело ниту стореното, најчесто е во расчекор нивниот морален со професионалниот интегритет, туку се трудат да му се обезбедат сите законски права на обвинетиот во текот на постапката. Успешноста на еден адвокат зависи директно од способноста и успешноста на обвинителот, кој доколку обезбеди квалитетни докази, ја минимизира улогата на адвокатот во текот на постапката. Слично е и со докторите, кои, без оглед на личноста што ја лекуваат, имаат обврска да преземат сè што е во нивна моќ и знаење за да ја излекуваат. Сите овие професии имаат етички кодекс, кој мораат да го почитуваат и сите луѓе што се занимаваат со овие професии и положиле заклетва. Етичкиот кодекс на лекарот е да лекува, судскиот да суди според законот, обвинителскиот да обвинува според законот, а адвокатскиот да застапува и брани согласно со законот. Доколку постапува судија, адвокат, обвинител или лекар надвор од законот или етичкиот кодекс, можеме да зборуваме не само за немање морален и професионален интегритет туку и за незаконито постапување.
Интегритетот е војна со девијантните, коруптивни, незаконити и противправни дејства и однесување и таа војна се води во секојдневните простори, каде што е дозволено да виреат тие, но тоа не е војна што се води со ступидни и навивачки изјави, со навреди, со пишувања коментари што се простачки, површни и неаргументирани. Тоа се прави со аргументирано спротивставување и пишување, со аргументирани изјави, кои ги посочуваат проблемите, нивниот извор и причините, но предлагаат и решенија и начин како да се надминат тие.
На крај ќе завршам со една мисла на Елеонор Рузвелт: „Големите умови расправаат за идеите, просечните умови расправаат за случките, малите умови расправаат за луѓето“.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)












