Општина Македонска Каменица е дел од проектот „Зајакнување на општинските совети, фаза 2“, во чии рамки, преку форумите во заедницата, граѓаните ќе имаат можност да предлагаат, да разработуваат, а потоа и да изберат проекти од важност за заедницата.
Првата форумска сесија е закажана за в среда, со почеток во 9:30 часот, во спортската сала зад СОУ „Миле Јаневски-Џингар“ во Македонска Каменица.
– Проектите што ќе бидат предложени и посочени како приоритет од граѓаните на Општина Македонска Каменица, ќе бидат финансирани од фонд, во вкупна вредност до 30.000 американски долари (USD), при што Општината учествува со половина од средствата. Другата половина е обезбедена преку програмата „Зајакнување на општинските совети, фаза 2“, која ја финансираат швајцарската Влада и Министерството за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во соработка со национални и локални партнери –соопштија од локалната самоуправа.
Притоа, додаваат дека преку форумите во заедницата, како втора компонента на оваа програма, преку јавни консултации ќе бидат предложени и финансирани проекти што ќе придонесат за поголемо социјално влијание, ќе обезбедат еднакви можности за мажите и за жените, ќе поттикнат партнерство меѓу организациите и граѓаните и ќе бидат одржливи и по завршувањето на финансирањето од Општината.
Главна тема на интервенција е социјалната инклузија, вклучувајќи и теми поврзани со заштитата на животната средина, управувањето со ризици од катастрофи и природни непогоди, родовата еднаквост, ранливите категории граѓани, доброто владеење и меѓуетничката соработка.
Општина Македонска Каменица е една од 10. општини од оваа фаза на проектот на УНДП, во рамките на кој, до завршувањето во 2028 година, ќе бидат опфатени вкупно 40 општини. Заедно со првата фаза, опфатени се вкупно 40 општини.
Програмата е во вредност од 6,8 милиони американски долари.












