Фискалната стабилност, предвидливото даночно и регулаторно опкружување и продолжувањето на инвестицискиот циклус се клучни за одржлив економски раст и поголема конкурентност на земјите од Западен Балкан. Паметната и постепена фискална консолидација, насочувањето на јавните инвестиции кон проекти со најголема додадена вредност и регионалната соработка беа меѓу главните пораки од Регионалната конференција „Охрид 2026“, посветена на фискалната политика, економскиот раст, даночната усогласеност, даночниот јаз и борбата против сивата економија.

Сегашни и поранешни министри за финансии од регионот, економисти, банкари и претставници на приватниот сектор оценија дека фискалната консолидација и економскиот раст не треба да се гледаат како спротивставени цели. Напротив, стабилните јавни финансии треба да се градат паралелно со зачувување на инвестициите што ја зголемуваат продуктивноста и создаваат услови за долгорочен раст.

Поранешниот министер за финансии на Хрватска, Здравко Мариќ, посочи дека една од најголемите дилеми со кои се соочуваат земјите во регионот е балансот меѓу фискалната одржливост и поттикнувањето на економскиот раст.

– Во однос на предизвиците во регионот, голем фокус е насочен кон одржливоста на јавните финансии, како и на кој начин јавните финансии можат да придонесат во однос на сите глобални предизвици. Имаме и вечни предизвици, а тоа е балансот меѓу фискалната одржливост и поттикот на економскиот раст, значи БДП – истакна Мариќ.

Тој нагласи дека дополнителен притисок врз јавните финансии создаваат зголемените издвојувања за одбраната, што го стеснува фискалниот простор на владите во регионот.

Во услови на надворешни шокови, беше оценето дека расположливиот фискален простор треба внимателно да се користи, а мерките за поддршка на домаќинствата и компаниите да бидат таргетирани, временски ограничени и пропорционални.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оцени дека македонската економија се движи по добра траекторија, посочувајќи го континуираниот раст во последните квартали и значењето на инвестициите како главен двигател на економската активност.

– Инвестицискиот циклус којшто го имаме во изминатиот период треба да го зачуваме. Во 10 последователни квартали во континуитет имаме стапка на раст од околу и над 3%, а во последниот квартал стапка на раст од 4,3%. Тоа покажува дека се движиме по една добра траекторија – истакна Димитриеска-Кочоска на панелот „Од притисокот во еврозоната до фискална отпорност: Буџетски приоритети, реалности во приватниот сектор и регионални лекции“.

Според неа, поддршката на инвестицискиот циклус мора да оди паралелно со постепена фискална консолидација. При подготовката на последниот ребаланс на Буџетот, како што посочи, целта била да се постигне баланс меѓу овие две потреби.

– Приоритет мора да има фискалната консолидација, затоа што тоа на крајот ќе има влијание и на кредитниот рејтинг, ќе има влијание во иднина и на каматните стапки. Што значи тоа треба да биде приоритет, но не по секоја цена за колкав временски период ќе го оствариме – рече министерката.

Таа нагласи дека постигнувањето на целите за буџетски дефицит под 3 проценти и јавен долг под 60 проценти не треба да биде на штета на инвестициите.

– Не треба да брзаме во остварување на фискалната консолидација – буџетски дефицит под 3% и јавен долг под 60%, а на штета на тоа да направиме пореметување кај инвестициите – потенцираше Димитриеска-Кочоска.

Министерката посочи дека инвестициите се клучни за растот, а податоците за растот на БДП покажуваат дека токму тие се еден од главните двигатели на економската активност. Истовремено, нагласи дека економскиот раст не може да биде поттикнуван само од државата, туку дека значајна улога имаат и инвестициите на приватниот сектор. Во таа насока, таа ја истакна потребата од поголема предвидливост за компаниите, како и натамошна поддршка преку Развојната банка и Законот за финансиска поддршка.

– Имаме еден инвестициски циклус кој треба да го чуваме и да помагаме колку што можеме и како држава. Дали е доволно? Не, сè уште има одредени структурни проблеми во економијата и тука треба можеби одредени промени – рече Димитриеска-Кочоска.

Според неа, потребно е дополнително зајакнување на домашните компании и сектори, со цел економскиот раст да не зависи во толкава мера од странските инвеститори. Како значаен инструмент за трансформација на економијата таа го посочи и Планот за раст, чие спроведување, според неа, треба да придонесе за подобрување на администрацијата, законодавството и институционалното функционирање и за приближување кон европските стандарди.

Посебен акцент на конференцијата беше ставен и на даночната предвидливост. Како што беше истакнато, за бизнисите не се важни само даночните стапки, туку и стабилноста на правилата и регулаторното опкружување. Предвидливиот даночен систем им овозможува на компаниите полесно да планираат, инвестираат и носат долгорочни деловни одлуки, а истовремено може да придонесе за подобра наплата на јавните приходи и намалување на сивата економија.

Извршниот директор за корпорации и комуникации на „Јапан Тобало Интернационал“, Горан Пекез, го нагласи значењето на приватниот сектор во обезбедувањето економска стабилност во регионот.

– „Јапан Тобало Интернационал“ е еден од најважните плаќачи на данок во целиот регион. Во овој регион лани плативме 925 милиони евра даноци, а оваа година таргетираме една милијарда – истакна Пекез и посочи дека компанијата во Македонија придонесува со околу 6 проценти од вкупните даночни приходи, додека во Косово уделот е околу 9 проценти.

Според него, токму поради значајниот придонес на приватниот сектор, индустријата треба да биде директно вклучена во креирањето на даночните политики.

– Се надеваме дека денешната конференција ќе овозможи заедно да планираме постепени и стабилни политики коишто ќе придонесат овие даночни приходи да бидат стабилни – порача Пекез.

На регионалната конференција беше нагласено и растечкото значење на европското финансирање за земјите од Западен Балкан во процесот на приближување кон Европската Унија. Пораката од дискусиите е дека приоритет не треба да биде само апсорпцијата на достапните европски средства, туку нивното насочување кон проекти и сектори кои можат да создадат најголема додадена вредност, продуктивност и економски поврат.

Конференцијата „Охрид 2026“ ја потврди потребата од координирани економски политики во регионот, со фокус на стабилни јавни финансии, предвидливо деловно опкружување, инвестиции и поефикасно користење на европските средства.

Регионалната конференција е организирана од Балканскиот економски форум (БЕФ), под покровителство на Министерството за финансии, со поддршка од JTI. Таа претставува платформа за дијалог меѓу креаторите на економските и фискалните политики, институциите и приватниот сектор за прашања што ги обликуваат јавните финансии, конкурентноста и економската отпорност на Западен Балкан.

ИЗДВОЕНИ