Во март годинава, во земјава биле издадени вкупно 245 одобренија за градење, што претставува пад од 26,6 % во споредба со тој месец лани, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. И покрај намалениот број издадени дозволи, вкупната предвидена вредност на објектите бележи значителен раст. Најголем дел од одобренијата – 148 или 60,4 проценти – се однесуваат на објекти од високоградба, додека 31 одобрение се за нискоградба, а 66 за реконструкција на постојни објекти.

Регионално, најмногу одобренија за градење се издадени во Полошкиот Регион – 62. Следуваат Скопскиот Регион со 51 одобрение, Југозападниот со 37, Југоисточниот со 34, Источниот со 24, Пелагонискиот со 15, додека најмал број е регистриран во Североисточниот Регион – само три одобренија.

Со издадените дозволи е предвидена изградба на 618 стана со вкупна корисна површина од 53.718 квадратни метри. Најголем дел од становите, 317, се планирани во Скопскиот Регион. Во Југозападниот Регион се предвидени 143 стана, а во Југоисточниот 76.

Вкупната предвидена вредност на објектите опфатени со мартовските одобренија изнесува 24,57 милијарди денари, што е за 21,9 % повеќе во однос на март минатата година. Од Државниот завод за статистика посочуваат дека растот на вредноста, главно, се должи на издадените одобренија за изградба на ветерни паркови за производство на електрична енергија од обновливи извори, со капацитет до 128 мегавати, на подрачјето на општините Штип, Радовиш и Карбинци.

Според структурата на инвеститорите, кај 136 објекти, односно 55,5 %, како инвеститори се јавуваат физички лица, додека кај 109 објекти инвеститори се деловни субјекти.

 

ИЗДВОЕНИ