Попустот на горивата, кој во моментов изнесува три денари за литар дизел и два денари за бензин, важи до 18 мај, по што државата ќе ја следи состојбата на светските берзи и геополитичките движења пред да донесе одлука за евентуално продолжување. Министерката за енергетика, Сања Божиновска, нагласува дека не е исклучена нова рунда разговори со „Окта“ доколку останат цените на нафтата нестабилни. – Неколку дена пред истекот на рокот ќе имаме појасна слика и доколку има потреба, повторно ќе преговараме – истакна таа. Од Владата порачуваат дека приоритет остануваат заштитата на граѓаните и одржувањето стабилни и пониски цени на горивата

 

Актуелниот договор со компанијата „Окта“, со кој се овозможува намалување на цената на дизел-горивото за три денари за литар и на бензините за два денари, важи до 18 мај. Според министерката за енергетика, Сања Божиновска, не е исклучено по тој датум да следува нова рунда разговори со компанијата.

– Следиме сè што се случува. Нашите мерки се важечки до 18 мај. Во следниот период ќе ги анализираме цените на берзите и состојбите поврзани со глобалните конфликти. Неколку дена пред истекот на рокот ќе имаме појасна слика и доколку има потреба, повторно ќе преговараме со „Окта“ – изјави министерката на средбата со новинарите во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Таа нагласи дека државата спроведува активна политика за стабилизирање на цените на горивата и дека, според неа, земјата се наоѓа меѓу државите со најсилни интервенции во овој сектор. Божиновска истакна и дека цените на горивата во моментот се меѓу најниските во регионот, што, како што рече, е резултат на навремени мерки и на координација со надлежните институции.

Во делот на контролата на пазарот, министерката посочи дека Државниот пазарен инспекторат и Царинската управа веќе спроведуваат проверки за евентуален реекспорт на нафтени деривати. Таа додаде дека досега ниту една компанија официјално не се обратила до Министерството за енергетика за ваков вид активности.

– Не се работи за забрана, бидејќи не можеме да ја забраниме слободната трговија. Но, не е во ред некој да купи гориво со попуст и потоа да го реекспортира во Косово или во Албанија. „Окта“ не напишала во анексите на договорите дека попустот се однесува само за во Македонија. Сметам дека „Окта“ треба да го регулира тоа, а во меѓувреме Државниот пазарен инспекторат и Царинската управа веќе спроведуваат проверки за евентуален реекспорт на нафтени деривати – рече Божиновска.

Покрај темата за горивата, Божиновска се осврна и на повторното активирање на продуктоводот Солун – Скопје, кој, по пауза од 13 години, повторно е ставен во функција. Таа оцени за грчките медиуми дека проектот има значајна улога во регионалната енергетска стабилност.

Според неа, во услови на зголемена геополитичка неизвесност, секоја дополнителна енергетска маршрута придонесува за поголема сигурност во снабдувањето и за намалување на зависноста од еден вид транспорт.

– За нашата земја, нафтоводот значи поголема енергетска безбедност и поефикасен увоз на нафтени деривати. За Грција, тоа ја зајакнува улогата на Солун како регионален енергетски центар. За целиот регион, ова е доказ дека може да се реактивира и модернизира постојната инфраструктура за да одговори на современите предизвици – истакнала Божиновска.

Таа додаде дека не треба да се гледа проектот само како билатерална соработка туку и како дел од поширока регионална стратегија, која вклучува нафтоводи, гасни интерконекции, ЛНГ-терминали и електроенергетски врски, со цел создавање пофлексибилен и отпорен енергетски систем во Југоисточна Европа.

Во однос на електричната енергија, министерката изјави дека поддржува евентуално преиспитување на тарифните блокови доколку резултира тоа со пониски сметки за граѓаните. Таа нагласи дека Регулаторната комисија за енергетика веќе најавила можни анализи во тој правец, а Министерството ќе ги поддржи сите решенија што водат кон намалување на трошоците за домаќинствата.

– Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика го најави тоа, а јас го поздравувам ако е за доброто на граѓаните и ако се намалат нивните сметки. Би сакале и ние да ги видиме пресметките, меѓутоа тоа е нивна дејност, а ние само би можеле да кажеме дека сме „за“ во случај крајната цел да е намалување на сметките на граѓаните – потенцира министерката Божиновска.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ